По повод 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски (1934-2006), весникот „ВЕЧЕР“ го објавува првиот фељтон за неговото творештво. Андреевски се вбројува меѓу најдаровитите  и најпопуларните македонски поети и раскажувачи на XX век, а се има пројавено и како драмски автор и есеист. Покрај најпопуларните – поетската книга „Дениција“ (1968) и романот „Пиреј“ (1980), меѓу позначајните негови дела се вбројуваат и поетските: „Вечна куќа“ (1987) и „Лакримариј“ (1999), збирката раскази „Сите лица на смртта“ (1994) и романите „Скакулци“ (1983), „Небеска Тимјановна“ (1988), „Последните селани“ (1997) и „Тунел“ (2003). Автор е и на култната книга за деца „Касни – порасни“

Збирката Дениција (1968) на Петре М. Андреевски, како што вели Миодраг Друговац, во Историјата на македонската книжевност XX век (1990), е семантичка референцијална апотеоза на љубовта и како таква, во една симбиоза на реалното и надреалното, еротското и фатумското прозвучува дури и псалмички. Поетички надоврзана на претходните две негови збирки Јазли (1960) и И на небо и на земја (1962), градена како поетска визија на несреќната љубов, таа, всушност е химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам. Поетот ја универзализира Дениција преку универзализирањето на љубовта, зашто Дениција која истовремено е и страст и светост, според зборовите на Виолета Пирузе-Тасевска, е над профаната егзистенција. Пеејќи за Дениција, тој метафорички го обликува својот чудесен универзум од љубовни, фолклорни,  митски и татковински мотиви, во кои љубовта, сепак, го има централното место како двигател, акција, сознание, радост, недостиг, патило, смрт, вели Гане Тодоровски.

Весна Мојсова-Чепишевска и синот на Петре М. Андреевски, сликарот Сергеј Андреевски, на гробот на великиот автор во родното село Слоештица, во 2016 година

Сите овие посочени мотиви како да се содржани во воведната Песна за мојата песна, со која поетот ја најавува од една страна својата „песна над песните“, а од друга кореспонденцијата на своите стихови со библиската Песна над песните.

Петре М. Андреевски во овие стихови наполно свесно го застапува феноменот на културниот одраз на Библијата во свеста на македонскиот човек како општа традиција и особено на Песната над песните. Всушност и ниедна светска антологија на љубовната лирика не може да се појави без стихови од ова библиско поглавје.

Асоцијации од библиската Песна над песните среќаваме и кај други големи македонски поети (пр. Блаже Конески и Радован Павловски), но за Андреевски, Дениција станува причина за неговото повторно верување во Бога (Првите податоци за Дениција). Таа за него е негова и само негова ѕвезда-водителка. Дури и нејзиното име е изведено од името на најсветлата ѕвезда Деница со карактеристичната наставка -ија за сопствени женски имиња (Марија, Емилија): за таа непомрдната Деница меѓу две оддалечени утра (Песна за мојата песна). Пеејќи, пак: Во тебе бев заљубен уште пред моето и твоето создавање… Во тебе бев заљубен пред првиот мој збор (од Втора исповед), тој ѝ дава на својата Дениција вонвременско и вонпросторно значење. Синтагмата, пак, равенко меѓу моето тело и мојата душа од песната Четврто писмо која се однесува на неговата сакана, е слика на Ева, првата жена, првата сопруга и мајката на сите живи луѓе, но и симболот на женскиот елемент во мажот.

Вонвременското значење на Дениција се чувствува и во стиховите во кои таа за него е и мојот Исток и мојот Величетврток (во Второто писмо) и кога  ја доведува во контекст со необичната споредба дека е побрза од сите небесни светлини (Песна за нејзината песна). Вонпросторното е изразено преку нејзината сеприсутност и сегдеприсутност, пеејќи: немаше земја кај што не ја сретнав неа (Песна за нејзината песна) или: поради неа и јас дишев како што дишеше таа, / оти таа ми ја одржуваше и земјината тежа (Уште едни податоци за Дениција).

Инаку библиската Песна над песните пишувана во облик на дијалог, со доста драмски елементи, некои ќе ја наречат и драмска кантата, а некои и дијалогизирана поема или лирски дијалог со малку драмско дејствие, истакнува Никола Миличевиќ, заклучувајќи дека слободно можеме да ја именуваме и како хорска рецитација. Наоѓајќи се во Библијата, таа била и е достапна за сите читатели. Затоа ќе изврши силно влијание и на световната и на побожната поезија на средниот век, но и на современата. Потврда за ова се секако и стиховите на Петре М. Андреевски. Така  и нашата Дениција не само што потсетува на возљубената од Песна над песните, според принципот на споредбите, како поетов принцип на пеење, туку и стиховите за неа од една страна се испеани низ врвулици од фабули и дејствија, со драмски интензитет, како што напоменува Друговац. А таквиот интензитет се допира до драмскиот принцип на библиската песна, додека од друга страна се испеани со семантички и естетски елементи на транспозитната орална традиција во која спаѓа не само Песната над песните туку и целата Библија.

Посебен акцент треба да се стави на последната песна од оваа збирка. На гробот    од Дениција која најмногу кореспондира со Песната над песните. Дури и самата песна започнува со едно мото кое е парафразиран стих од оваа библиска песна: Копнеејќи за неа јас често седам во нејзината сенка… Но има и друга, клучна особеност која Петре М. Андреевски ја зема од Библијата  и од средновековната литература, а тоа е замената на метафората со симболот. Многу од она што нам ни прозвучува како метафора, всушност се покажува како скриен симбол. Отец Стефан Санџаковски во својот труд за теолошкиот третман на симболот вели дека и целиот свет е симболичен, зашто е творен од Бога. Тоа значи дека симболичноста, нагласува тој, влегува во самата онтологија на светот. Во тој контекст е и сликата за правечната и безвремена Дениција која е истовремено и Природа, и Мајка, и Жена, и Смрт, и Татковина. Така прозвучуваат овие метафори и споредби, на пример:

оти во нејзиниот глас можеше да се смести сета моја татковина. („Летување“);

Кога ја љубев Дениција / како да учествував во создавањето  на првата Македонска држава. („Кога ја љубев Дениција“).

Таква е и метафората и споредбата кога возљубениот ѝ вели: Убава си, мила моја, како Тирса, прекрасна – привлечна како Ерусалим, страшна како војска со знамиња (6.4).

А многубројни се споредбите и синтезите меѓу Песна над песните и На гробот од Дениција.

Става: Авторот на Песната над песните за саканата пее: се издига од пустињата како столб од дим (3.6); таа твоја снага прилега на палма (7.8). Дури и самата девојка своето тело го поврзува со карпата (8.10). Затоа Петре  М. Андреевски ја споредува ставата на Дениција со кулата која кореспондира со карпата и столбот од Песната над песните и со тополата која кореспондира со палмата, па пее: Оти до што видов кула и пладневна топола беа како твојата става, Дениција.

Коса: И двете девојки се русокоси. Во Песната над песните се пее: косата ти е како стадо кози, кога слегуваат од Галадската гора (4.1), споредба која се повторува и во стиховите 6.6 и: косата на главата твоја – како пурпур; цар се вплел во плетенките (7.6). Нашиот поет нејзината коса ја споредува со омарнина и со жито во движење, што е во тесна врска со идејата на народниот творец дека косата треба да биде мека, густа и руса. Ако возљубената е саронски нарцис и долински крин (2.1), Дениција е свилено кокиче одвиткано од воздух (од песната Болеста на Дениција).

Очи: Бојата на очите на возљубената варира. Еднаш тие се очи гулабови (1.14, 4.1), другпат Есевонски езерца (7.5) Значи, еднаш се темни како и кај Дениција, кога ѝ се споредуваат со сончогледот повторно во дослух со народните љубовни стихови во кои особено се убави црните очи, а другпат се светли како езерца т. е. како светла пушкарница.

Усни, уста: Усните на возљубената, во однос на обликот и бојата, се алова панделка (4.3), а во однос на сочноста и нивната слаткоречивост се мед, млеко и вино. Затоа возљубениот ѝ пее: Од устата твоја капе восочен мед, невесто, мед и млеко под јазикот твој (4.11); Устата твоја е како најдобро вино (7.10). За Петре М. Андреевски нејзините усни го имаат обликот и бојата на залезот, но затоа се вкусни како лубеница. Со стихови од некои други песни од оваа збирка, тој ја засилува слаткоречивоста на нејзината уста пеејќи: држеше говор за потеклото на медот (од песната Првите податоци за Дениција); на шеќерот ќе му забранам да се споредува со тебе (од песната Умилкување).

Гради: Авторот на Песната над песните ја варира споредбата што се однесува на градите на саканата. Така за нашиот поет тие се едноставно крушки кантарки, а за возљубениот тие се и јаготки, и калинки, и близначиња од млада срна, и две јаренца, и гроздови, и кули.

Колкови: За едниот автор колковите се дело на некој уметник, а за другиот тие се разлутени ридови и мориња.

Сите овие споредби одат во прилог на поетовата потрага по љубовта. Андреевски ја бара ѕвездата водителка, неговата Дениција: Те барав, те барав, во сè и сешто, / Те барав, а барајќи можев само да те сретнам, /   но не и да те најдам, / но не и да те најдам. (Петто писмо) Во Песната над песните возљубената е таа која го бара својот сакан: Ноќва во леглото мое го барав оној, кого го сака душата моја, го барав и не го најдов (3.1); Затоа ќе станам, ќе тргнам по градот, по улиците и плоштадите, и ќе го барам оној, кого душата моја го сака. Го барав, но не го најдов (3.2).

И во збирката Дениција, особено во песната Болеста на Дениција, и во библиската Песна над песните (2.5 и 5.8) љубовната болка е силно изразена. Сличности се забележуваат и во обраќањето т. е. во ословувањето на саканата. И кај двајцата автори обраќањето кон саканата е најчесто истовремено и со невесто и со сестро.

За крај само уште еден пример со кој се истакнува блискоста меѓу овие стихови како уште една потврда за одблесокот на Библијата и особено на Песната над песните. Во нејзините завршни стихови силината на љубовта е споредена со смртта, но и со голем оган кој ниедна вода не може да го угасне: љубовта е силна како смрт; љубомората – лута како пекол; стрелите нејзини се стрели огнени; огнен жар на нејзиниот пламен (8.6); Големата вода не може да ја угасне љубовта, и реки нема да ја потопат (8.7). Преплетувањето на еросот и танатосот, на огнот и водата го има и кај Петре  М. Андреевски. Уште во првите стихови оваа оска е претставена преку антитезата: понадо и прокудо. Понатаму тој таа оска ја развива преку тавтолошкиот израз: оган со оган што се гасне, за на крај сепак на огнот да му ја спротивстави водата:

огнот и водата добиваа паралелна брзина и во збирот љубовен постојано се одземаа (Песна за нејзината песна),

Секој што влегол во нејзината соба заборавил на огнот што го допира водата (Во собата на Дениција).

И во двете песни, централниот мотив на љубовта е објективизиран и универзално презентиран. Но преку сензитивната еротска реч во своите стихови, низ љубовта кон жената, Петре М. Андреевски ја искажа и љубовта кон татковината.

Дали стиховите од Дениција ја сочинуваат македонската љубовна песна над песните.

Весна Мојсова-Чепишевска