Доктор Бошкоски, ексклузивно за весникот ВЕЧЕР, изјави дека и во услови на светска пандемија со ковид-19, тој заедно со тим лекари успешно извршиле нов метод, интервенција на жолчен канал со магнетна анастомоза. Болницата „Џемели“, е дел од Католичкиот универзитет во Рим, а папата Јован Павле Втори ја нарекувал Ватикан Трети. Во неа се сместени и болничките апартмани на папата, додека болничкиот капацитетот е близу 2.000 кревети.
Италија е една од европските држави каде што корона вирусот зарази голем број луѓе, а деновиве таа бројка достигна околу 214 илјади заразени и речиси 30 илјади починати, а нешто повеќе од 93 илјади се оздравени. Во рамките на Европа, таа е една од најпогодените држави со ковид-19. Додека Италија се бори со коронавирусот д-р Иво Бошкоски, Македонец по потекло, роден во Тетово под падините на Шар Планина, е во центарот на италијанските медиуми. Тој е дел од тимот лекари кои на Клиничкиот универзитет во Рим во чии рамки функционира поликлиниката „Агостино Џемели“ , кои извршија успешна интервенција на жолчен канал со нов метод-магнетна анастомоза. Се работи за прва ваква операција во рамките на Италија но и пошироко во Европа и Америка, а д-р Бошкоски како признат научник и клиничар во областа на гастроентерологијата во глобални рамки ја имаше таа чест да биде дел од оваа успешна медицинска приказна.
По тој повод го побаравме и разговаравме со д-р Бошкоски за неговите успеси во лекарската кариера. Тој ексклузивно за весникот ВЕЧЕР, директно од Рим ни појасни за каква процедура станува збор, но и за животот во оваа европска држава кој поради коронавирусот драстично се смени. Бошкоски дипломирал на медицинскиот универзитет Перигуа, во Италија во 2005 година, а потоа специјализирал гастроентерологија и дигестивна ендоскопија во Кампусот на биомедика на Универзитетот во Рим.
Доктор Бошкоски можете ли за читателите на весникот ВЕЧЕР подетално да кажете за каква интервенција станува збор и што е тоа магнетна анастомоза?
-Станува збор за хибридна интервенција на пациент со две трансплантации на црн дроб и стеноза (затвоање) на комуникацијата помеѓу жолчните патишта на донорот и примателот. Вообичаено овој тип на стенози се отвораат со ЕРЦП (ендоскопска ретроградна холангио-панкреатографија), но во овој случај не поминуваше ниту контрастно средство, а не успеавме да ја поминеме стенозата ниту со холангиоскоп (директна ендоскопска висуализација на жолчните патишта) и ендоскопски и перкутано. Затоа се одлучивме за магнетна анастомоза. Станува збор за техника со која се вметнува еден магнет преку црниот дроб (перкутано) и еден преку ЕРЦП (ендоскопски). Двата магнети се приближуваат и така се отвора патот. Магнетите се произведени во фабрика од Милано, врз основа на мој нацрт, односно скица. Магнетите се од неодимиум, обложени со никел, цилиндрични и со канал од 0,33 инцх. Откако се отвори патот поставивме неколку пластични протези за да се одржи отворен холедочниот канал.
Својата богата лекарска кариера ја градите во позната болница каде што се лекуваат и високи свештенички лица од Ватикан, дали тоа за Вас како специјалист е уште поголем предизвик?
-Болницата во која сум вработен е позната како „Џемели (Fondazione Policliico Universitario Agoatino Gemelli) во рамките е на Католичкиот универзитет во Рим. Болницата е најголем онколошки центар во Италија а и ЕУ и на национално ниво е еден он најголемите истражувачки центри. Папата Јован Павле Втори ја викаше Ватикан Трети. Болничките апартмани на папата се исто така сместени тука. Во болницата има специјалисти од секаков вид и располага со близу 2.000 кревети.
Како се живее во Италија во услови на светска пандемија со коронавирусот? Како лекар сте дел од првите борбени редови во Вашата болница во борбата со овој опасен вирус, кажете ни нешто од Вашето секојдневно искуство?
-На почетокот на март состојбата со ковид-19 во Италија беше повеќе од драматична. Едноставно, еден солиден здравствен систем како италијанскиот беше на колена. Имавме цунами од пациенти кои буквално ги преполнија сите болници, посебно на северот од Италија. Во тој период често бев во контакт и со властите во Македонија, посебно со министерот за здравство Венко Филипче за споделување на информациите, околу тоа што и како преземавме ние во Италија за справување со ситуацијата. Морам да ви кажам дека јас сум навистина горд со тоа како се справивме ние во болницата Џемали со вирусот, ама уште, погорд сум со тоа како се справи и се уште се справува мојата татковина, една мала земја како Македонија. Тоа што во Македонија се реагираше многу брзо со затворање, по мое мислење е единствено нешто што придонесе вирусот да престане да се шири.
Пандемијата со коронавирусот предизвика многу проблеми, го смени животот на милиони луѓе од целиот свет. За самиот вирус има многу шпекулации, какви се вашите сознанија и искуство ?
-Ако го анализираме вирусот, станува збор за еден многу лесно пренослив, и многу опасен вирус кој ги стави на колена најмоќните економии на светот. Треба да си признаеме дека и против САРС-КОВ-2 сè уште немаме ефикасен лек, ниту пак вакцина. Кога здраво ќе размислите, ќе ви стане јасно дека носење на маска, самоизолација на болните без симптоми и одржувањето на дистанца меѓу луѓето е единствен и најефикасен начин за заштита, во моментов. Сè друго е во сферата на fake news и шпекулација.
Според последната статистика, бројот на заболени во Италија од ковид-19 постепено се намалува, дали веќе животот почна да се враќа во нормала ?
-Италија е комплетно затворена, од 7 март. До почетокот на месец мај можеше само да се излезе надвор само за итни потреби, да се оди во брза помош, во аптека или на работа, секако оние кои што имаат дозвола. Сите други, буквално целото население, остана дома. Од 4 мај, властите во Италија ги отворија фабриките и парковите. Денес, на национално ниво во Италија имаме сè помалку и помалку ново заболени.
Поминавте изминативе два месеци навистина низ една тешка голгота, што ќе им порачате на македонските граѓани, треба ли да бидат внимателни и да носат маски, особено кога се надвор од домовите?
-Моја порака до сите граѓани во Македонија е да ги следат препораките на власта, да држат растојание едни од други и да носат маски. Ова е единствен начин на справување со вирусот и превенција на ширењето на заразата, сè додека немаме вакцина или сигурни ефикасни лекарства.
Валентина Марјановиќ