Деновиве, во Гевгелија престојуваше Амбасадорот на Словачка во Република Македонија, господинот Хенрик Маркус, заедно со своето семејство. Како страствен велосипедист, веднаш беше зачленет, во здружението на точкаџии „Гевгелиски точак клуб“, како почесен член. Хенрик Маркус е единствениот амбасадор кој досега успеал да помине доволен број километри со својот велосипед во Македонија, нешто што не му успеало на ниту еден од неговите колеги кои биле амбасадори во нашата држава.
„Почнав да возам велосипед од здравствени причини, раскажа специјално за весникот „Вечер“ амбасадорот Маркус, кога не можев да вежбам поради болки во коленото . Почнав да возам велосипед во 2007 година кога служев во Швајцарија и Франција. Ме привлекува да се возам по ридовите, возењето по рид е еден вид порака за велосипедистите почетници, тоа е психолошка работа. Многумина мислат дека ова е проблем, но всушност проблемот е во размислувањето.
„Човек може многу да научи за Македонија преку возењето на велосипед. До сега, вели тој, сум поминал низ многу места во вашата преубава земја, од манастирот Слепче, каде застанале да се одморат ослепените војници на царот Самоил, по поразот на Беласица, па се до Пелистер, Маврово, Галичник, Охрид, Велес. Неодамна возев околу Дојранското езеро, каде ги посетив граничните полицајци од мојата земја кои ја чуваат од мигранти вашата граница со Грција. Она што беше интересно е што при обиколката на езерото не сретнав ниту еден мигрант, а кога се вратив во Дојран, наидов на неколку од нив, сосема случајно. Се пошегував, се насмевнува Маркус, со нашите полицајци, дека еве јас успеав да „откријам“ мигранти, со мојот велосипед.
Со членовите на „Гевгелија точак клуб“ се запознал случајно, при посетата на планината Кожуф. -Тогаш се искачив до Ски центарот и наидов на двајца прекрасни чувари, кои не знаејќи кој сум , веднаш ме понудија со кафе. Потоа, тие ме запознаа со „браќата“ по велосипед од Гевгелија и еве тоа пријателство продолжува и ден денес.
Во саботата, тројца членови на овој клуб ме придружуваа на мојата обиколка на гевгелиско-валандовскиот крај при што поминавме 80 километри. Членовите на клубот ме однесоа и на гробот на гевгелиската легенда, македонскиот револуционер Леонид Јанков.
Од секое мое обиколување на местата во Македонија, правам кратки видео клипови, со кои правам туристичка промоција на Македонија во Словачка. Па, така ќе биде и од оваа моја посета на Гевгелија, “ додава Маркус, заминувајќи со своето семејство од Гевгелија за Скопје.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ