Како што објасни министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, со ребалансот на буџетот се обезбедени 4,1 милијарда денари за плати и пет милијарди денари за исплата на пензиите. Буџетот е оштетен за повеќе од 32 милијарди денари, за што министерката за финансии, Димитриеска Кочоска, очекува за констатираните состојби да реагира Основното јавно обвинителство. – Ветив дека ќе бидам секогаш искрена пред граѓаните. Затековме состојба што значи држава во хаос и долгови, список на желби наместо развој. Економијата е во клиничка смрт – нагласи Димитриеска-Кочоска

 

 

Состојбата со буџетот е алармантна, но со ребалансот за 2024 година, предвидени се пари за плати вкупно 4,1 милијарда денари и уште пет милијарди денари за исплата на пензиите. Според министерката на финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, вкупните приходи во буџетот се планирани на 318 милијарди 150 милиони денари, што е за 8,22 милијарди зголемување. Министерката појасни дека е планирано и зголемување на даночните приходи од сопствени сметки, а расходите се планирани на 362 милијарди 816 милиони денари, што е зголемување од 19,178 милијарди денари. Димитриеска-Кочоска појасни дека првично проектираниот БДП е неостварлив, инфлацијата е предвидена на ниво од 3,5 отсто, а растот на нето-платата за 13 проценти.

– Со ребалансот се обезбедени 4,1 милијарда денари за плати, од кои 1,1 милијарда за блок-дотации што не биле планирани во основниот буџет.Во дел од институциите, имало предвидени плати само до јуни – кажа Димитриеска-Кочоска на денешната прес- конференција во Владата, презентирајќи го ребалансот на буџетот за 2024, кој доби виза и на владина седница.

Таа појасни дека при подготовката на ребалансот се тргнало од претпоставките колку средства може да се прераспределат од ставки што бележат слаба реализација. Како што дополни, токму со прераспределбата се обезбедени 20 милијарди денари, а се планирани дополнителни 11 милијарди денари за покривање на доспеаните обврски и обврски што биле законски, а не биле планирани.

– Тоа резултира буџетскиот дефицит да се зголеми за 11,156 милиони денари, а од 2024 до 2028 државата само по основа на камати треба да исплати 1,800 милијарди евра – укажа министерката, која дополни дека општата состојба во буџетот ги надминала очекувањата на Владата.

Таа е целосно разочарана што недостигаат повеќе средства во буџетот отколку што очекувала Владата.

– Ветив дека секогаш ќе бидам искрена пред граѓаните. Затековме состојба што значи држава во хаос и долгови, список на желби наместо развој. Економијата е во клиничка смрт – нагласи Димитриеска-Кочоска.

Буџетот оштетен за повеќе од 32 милијарди денари

Буџетот е оштетен за повеќе од 32 милијарди денари, за што министерката за финансии, Димитриеска-Кочоска, очекува за констатираните состојби да реагира Основното јавно обвинителство. Таа нагласи дека има многу доспеани обврски што не се пријавени.

– Има многу доспеани обврски што не се пријавувани, но надлежноста понатаму е на другите институции. Јас ги кажувам констатираните состојби во Министерството за финансии – истакна Димитриеска-Кочоска. 

И премиерот Христијан Мицкоски деновиве загрижено се произнесе за состојбата со буџетот, која, и според него, е алармантна, недостигаат пари, за што истражните органи  ќе имаат многу работа во следниот период. Но, и покрај сè, пари за ветеното зголемување на пензиите ќе има.

– Направиле буџет за шест месеци како да знаеле дека нема да бидат повеќе Влада, па се труделе да ѝ остават што повеќе проблеми на новата Влада, така што милијарди и милијарди денари останале непокриени. Има законски обврски што морале да ги направат, не ги предвиделе во буџетот итн., но мислам дека истражните органи ќе имаат многу работа во периодот што следува – дециден е Мицкоски. 

Според Мицкоски, милијарда и 200 илјади денари треба да се платат и по основ на казни, поради тоа што некои од министрите ги прераспределувале вработените во институциите надвор од законот.

 Од опозицискиот СДСМ, пак, велат дека ВМРО-ДПМНЕ од прв ден бара алиби за својата неспособност

Од опозицискиот СДСМ реагираат на ваквите информации околу состојбите во буџетот. Според нив, ВМРО-ДПМНЕ од првиот ден бара алиби за својата неспособност и му порачуваат на Мицкоски да престане да се правда дека немало пари во буџетот, бидејќи, како што велат, тоа е алиби за лошите политики што ги планира, како што се прекинувањето на политиките за раст на платите и задолжувањето од 500 милиони евра од Будимпешта.

Од СДСМ со соопштение потсетуваат дека Владата на СДСМ во континуитет обезбедувала плати за сите вработени во јавната администрација и во претпријатијата, во сите седум години и во услови на светски кризи.

– Граѓаните знаат дека СДСМ цели седум години работеше во апокалиптични економски светски кризи или во економско цунами, ако сакаме да се изразиме со речникот на ВМРО-ДПМНЕ – велат од партијата.

Дополнуваат дека никогаш не се жалеле, а обезбедувале пари за сите потреби.

– Мицкоски нема намера да работи совесно и одговорно, туку, преку обвинувања кон СДСМ, да прави буџет со кој ќе ги тера своите погрешни политики – велат од СДСМ, додавајќи дека, во најтешките економски времиња, обезбедиле континуирано покачување на платите и на пензиите, обезбедиле повеќе од милијарда евра за директна финансиска поддршка на компаниите и на граѓаните во кризите и буџет за сите капитални инвестиции. Дополнуваат дека ако ВМРО-ДПМНЕ не е способна да раководи со буџетот сега, кога кризите се зад нас и имаат чиста економска ситуација, тогаш тоа укажува само на голема неспособност.

Поддршката од 250 милиони евра ќе ја добијат фирми што вистински ќе инвестираат

Бизнисот ќе ги добие планираните 250 милиони евра од договорените 500 милиони со Унгарија, под истите услови под кои ќе ги земе државата, потврди министерката на финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска. За реализацијата на средствата, како што истакна, ќе се разговара со Банката за развој.

Димитриеска-Кочоска потенцира дека кредитите ќе бидат давани под одредени критериуми, зашто мора, рече, да прекине досегашната пракса на одобрување пари без контрола на нивното трошење.

– Тие кредити ќе бидат давани под одредени услови. Тоа значи дека еднаш засекогаш треба да прекине праксата во оваа држава на одобрување пари, кредити, грантови… на принципот „дајте ни и потоа не контролирајте ги“. Или ќе поставиме услови и ќе ги насочиме сите тие пари кон компании што навистина ќе инвестираат и ќе имаат позитивен импакт на БДП, во спротивно не можеме да се согласиме со оваа пракса што се правеше досега. Потрошени се премногу средства преку Фондот за иновации, Законот за финансиска поддршка на инвестициите, а сите сме сведоци дека ефектот врз буџетот и БДП е поразителен. Значи, нешто не е во ред и ние ќе ги менуваме критериумите – објасни министерката  Димитриеска-Кочоска во Владата.

Наместо да честита, опозицијата реагира –парите немаат боја, ниту национална припадност

За заемот од 500 милиони евра од Унгарија, премиерот Христијан Мицкоски повторно кажа дека тоа била најдобрата понуда во моментот и дека се отворени за разговор со секоја финансиска институција што ќе даде подобри услови. Смета дека со заемот од Унгарија не би требало да се нарушат односите со меѓународните финансиски институции. Овие средства, според него, се неопходни за да се покрие буџетската дупка.

– Жалам што опозицијата не најде за сходно да го пофали потегот и да честита. Тоа што го гледав повеќе личеше на трагична комедија. Тоа е подеднакво трагично, како што велат, овие инвестиции што ги најавува Мицкоски, ние ги работевме, ама не успеавме да ги сработиме, па мораше да дојде Мицкоски со своите соработници да ги сработи. Парите немаат боја, ниту национална припадност. Нека ни дадат други држави подобри услови, ќе ги земеме оттаму – рече Мицкоски.

Што се однесува за платите на функционерите, кои со одлука на Уставниот суд беа зголемени за 78 проценти, Мицкоски рече дека проблемот треба да се реши системски.

Остатоци од претходната Влада

Димитриеска-Кочоска реагира: Не работат ништо, а земаат огромни плати!

Министерката Димитриеска-Кочоска, покрај за буџетот, критикуваше и што се случува на теренот, односно дека има големи зголемувања на буџетите кај одредени институции, кои не работат ништо, а трошат пари. Таа реагираше и за институции каде што има големи разлики кај платите. Така, како што укажа, еден кустос зема плата од над 70.000 денари, а возач во истата институција – околу 35.000 денари.

(В.Ма.)