Езерото „Младост“ една година без концесионер, рибокрадците навалија

220

Од август 2018, велешкото езеро „Младост“ е без концесионер, а откако му заврши петгодишната концесија на последниот концесионер ЗСР„Бабуна“ од Велес. Немањето концесионер значи дека нема кој да се грижи за подмладување на рибниот фонд на езерото со годишно порибување, но и нема кој да врши  заштита на целокупната флора и фауна од загадување и уништување. Во  отсуство на  концесионер, полицијата секојдневно врши по две засилени контроли и при тоа ги опоменува спортските и рекреативни риболовци дека не е дозволен риболов, а од друга страна рибокрадците со мрежи ги санкционира.

Лазар Лазаревски од ЗСР „Бабуна“ вели дека крајно време е МЗШВ да распише конкурс и да избере нов концесионер. Потоа новоизбраниот концесионер согласно законот во наредните пет години ќе може да стопанисува со рибниот фонд и да ќе се грижи за целокупната флора и фауна и да ја заштитува од уништување и еколошки загадување.

Лазаровски  потенцира дека многу се доцни со конкурсот, а кој по правило треба да биде распишан кон крајот на календарската и почетокот на новата година.

– Ако сега се распише, концесионерот ќе се избере дури во септември со што наместо 12, остануваат само три – четири месеци за концесионерот за оваа тековна година. Тоа ќе значи и само три-четири месеци риболов на езерото за спортските и рекреативни риболовци кои се со годишна членарина за Ревир Вардар 4, а во кој покрај риболов за реките во Велешко, редовно се опфаќа и езерото „Младост“ – појаснува Лазаревски.

Тој потенцира дека поради доцнењето со избор на концесионер, ќе се јави и проблем колкави да бидат давачките на концесионерот, а кои тој ќе мора да ги плати кон МЗШВ и Риболовната Федерација на Македонија.

Од  ЗСР „Бабуна“ појаснуваат дека една од обврските на концесионерот кој ќе стопанисува со целокупниот рибен фонд на езерото, е да врши и годишно порибување на езерото. Инаку, ЗСР „Бабуна“ годишно порибуваше по 500 килограми или во изминатите пет години тие го порибија велешкото езерото со 5,5 тони крап.

Езерото „Младост“ поради богатиот фонд на риба е многу  интересно за риболовците не само од Велес, туку и од Скопје и други градови, а на него секоја година се одржуваат домашни и меѓународни натпревари во спортски риболов.