Единаесет охридски плажи ќе почнат со работа до 20 јуни

254

Голем број од охридските плажи веќе три години се затворени поради истечени договори за концесии и пропаѓаат. Општина Охрид минатата недела донесе одлука единаесет плажи, меѓу кои и оние најатрактивните, да се издаваат во период од три години преку јавно наддавање. За најатрактивните плажи, почетната цена ќе биде 11.000 евра и тие треба да почнат со работа до 20 јуни.

Локалната самоуправа нема повеќе да чека на Агенцијата за просторно планирање да го донесе планот за управување со охридското крајбрежје (крајниот рок беше декември 2021 година), кој треба да покаже на кои места би можело да има уредени плажи. Оваа одлука е само премостување на периодот додека не се донесе ДУП-от за охридското крајбрежје.

Според градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, услов е да се поставуваат на плажите шанкови од природни материјали (дрво), на површина од 8 до 10 квадратни метри и маси и столови на површина од 150 до 400 квадрати, во зависност од големината на плажата.

И додека поранешни концесионери тужат за претрпена штета од неработењето на плажите, кои се претворени во јавни тоалети, а објектите пропаѓаат, на струшкото крајбрежје сè си тече нормално. Лани, струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко, изјави дека туризмот нема да трпи и плажите мора да примаат туристи, најавувајќи отворање на нови, уредени плажи. Според него, објектите на плажите не се дивоградби, имаат легални договори и сè што е на државно земјиште, а го користат приватни лица, го наплаќа Општината.

(С.Бл.)