ЕДЕН МЕСЕЦ ХОРОР ВО ГАЗА: Илјадници Палестинци убиени и ранети, уништени домови и соништа

391
EPA-EFE

Газа се разбуди со уште еден ден со немилосрдни и жестоки израелски напади кои траат веќе еден месец. За тоа време најгусто населената област во светот е претворена во урнатини. Дневната светлина во Газа е покриена со прашина и темно сив чад, додека ноќите се обоени во боја на пламен од интензивното бомбардирање.

Уништувањето не е сè што може да се види во Газа. Секој ден се закопуваат стотици цивили, главно жени и деца. На улиците опкружени со урнатини, има долги редици за вода, леб, храна и лекови. Народот во Газа секој ден се бори за преживување и опстанок, пишува Анадолија.

Најмалку 10.022 Палестинци, од кои 4.104 деца и 2.641 жени, се убиени во израелските бомбардирања во Појасот Газа.

Уште 159 Палестинци беа убиени, а 2.250 ранети од израелските сили на Западниот Брег во истиот период.

Портпаролот на Министерството за здравство во Газа, Ашраф ал Кудра, изјави дека 70 отсто од жртвите на израелската агресија се жени и деца.

„Добивме 2.660 пријави за исчезнати лица под урнатините, вклучувајќи 1.270 деца, од почетокот на агресијата врз Газа“, рече Кудра.

Тој рече и дека загинале 175 здравствени работници, а уништени се 31 амбулантно возило.

Тој наведе дека окупацијата била насочена кон повеќе од 110 здравствени установи „што предизвикало 16 болници и 32 примарни здравствени центри да бидат затворени  поради израелските напади и недостатокот на гориво“.

Според владината канцеларија за медиуми во Газа, во израелските воздушни напади загинале 46 новинари.

Канцеларијата во неделата објави дека „окупацијата намерно директно ги таргетира новинарите, вклучително и оние кои загинаа кога нивните домови се урнаа над нивните глави, заедно со нивните семејства“.

Во израелските напади се уништени околу 220.000 домови, што е околу 60 отсто од вкупните станбени единици во Појасот Газа.

„Израелската окупација целосно уништи 55 џамии и делумно оштети 112 џамии“, рече Салама Маруф, шеф на владината канцеларија за медиуми во Газа.

Цел на воздушни напади беше и црквата Свети Порфириј, третата најстара црква во светот. Покрај тоа, две други цркви беа уништени или оштетени, додаде Маруф.

Во израелските напади беа уништени 15 здравствени установи и 51 примарната здравствена клиника, оштетени се 150 амбулантни возила, а 16 големи болници од вкупно 35 во Појасот Газа беа ставени надвор од функција.

Уништувањето е само мал дел од хуманитарните страдања во Појасот Газа, каде што 55 отсто од партнерите во здравствениот сектор мораа да ја прекинат работата поради значителна штета на инфраструктурата.

Ова ги принуди болниците да работат со помалку од една третина од потребните ресурси за лекување на големиот број повредени, соопшти во неделата Министерството за здравство на Газа.

Министерството укажа и на „можност за стопирање на инкубаторите за новороденчиња“, нагласувајќи дека има 350.000 пациенти со незаразни болести и 1.000 пациенти на кои им е потребна дијализа на бубрезите. Осумдесет проценти од апаратите за дијализа се наоѓаат во болниците во северниот дел на Газа.

Во изјава за Анадолу, др. Рами Ал-Абадла, заменик-директор за палестинска здравствена заштита, рече дека „конзумирањето на загадена вода ги зголемува шансите за ширење на епидемии“.

Околу 1,5 милиони Палестинци во Газа се внатрешно раселени, вклучувајќи 117.000 кои престојуваат во здравствени установи и околу 69.400 во 149 засолништа за итни случаи кои припаѓаат на УНРВА.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) во неделното соопштение за печатот рече дека хуманитарната ситуација во Појасот Газа е „катастрофална и се влошува секој момент“.

„Она што го гледаме во Газа е без преседан од нашето постојано присуство таму од 1967 година. Инфраструктурата за вода и отпадни води е во голема мера оштетена, а поголемиот дел не е во функција, што е знак за еколошка катастрофа“, соопшти МКЦК.

Тие предупредија дека „болниците во Газа се на работ на целосен колапс, со исцрпени лекари и недостаток на медицински материјали и гориво“.

Тие изјавија дека „хируршките зафати се изведуваат без анестезија, често во болничките ходници поради големиот број жртви“.

Тие повикаа на „заштита на болниците, медицинскиот персонал и амбулантите“, нагласувајќи дека „болниците мора да останат места за спасување животи и безбедни засолништа за оние што се раселени и не треба да се претвораат во места на уништување и смрт“.: