Едно лице загина, а шест се повредени во две одделни сообраќајни незгоди ноќеска во Струшко, соопшти денеска СВР Охрид.
Според информацијата, еден час по полноќ на регионалниот пат Струга – Дебар, на влезот во селото Велешта, А.О. (21) од истото село, управувајќи патничко возило „фолксваген голф“ со струшки регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од коловозот.
– На местото на несреќата возачот им подлегнал на повредите, а смрт констатирал лекар од Медицински центар – Струга. Увид извршија јавен обвинител и увидна екипа на ОВР Струга, информира портпаролот Стефан Димоски.
Според него, синоќа во 22 часот и 30 минути на регионалниот пат Охрид – Струга – село Радожда, во близина на мост на реката Сатеска, се случила сообраќајна несреќа меѓу патнички возила „опел“ со струшки регистарски ознаки, управувано од Н.Ј.(34) од Струга и „ауди“ со охридски регистарски ознаки, управувано од И.Б.(37) од охридското село Љубаништа.
– Притоа, возачот Н.Ј. и неговата сопатничка А.Ј.(35) од Скопје се здобиле со тешки телесни повреди, додека сопатникот Т.П.(33) од Вевчани, И.Б., која го управувала возилото „ауди“ и нејзините сопатнички С.Т.(29) и М.Н.(32), двете од Охрид, се здобиле со телесни повреди, констатирани во болницата „Св.Еразмо“, појасни Димоски.
По наредба на Јавен обвинител, увид на местото на несреќата извршила увидна екипа на ОВР Струга.