Светскиот шампион во бокс, во тешка категорија на ВБЦ верзијата, Тајсон Фјури, се уште чека борба со носителот на титулите на ВБА Супер, ИБФ и ВБО, Украинецот Александар Усик.
Двајцата веќе неколку месеци разговараа за борбата што ќе го круниса неприкосновениот шампион во тешка категорија. За жал, парите им се испречија и затоа нивната битка пропадна. Во моментов, Тајсон тврди дека е подготвен да се бори со секого во секое време. „Џипси кинг“ изјави дека Енди Руиз барал 20 милиони долари за борбата со него.
Очигледно Фјури не е подготвен да му даде такви пари. Тајсон сака да се бори во јули или август. Подготвен е и за борба со Ентони Џошуа, а на социјалните мрежи, Тајсон го нападна Усик и му се закани дека ќе го нокаутира.
„Едвај чекам да го нокаутирам овој мал стаорец. Кукавички, грд, клошар со испакнати очи. Продолжи да бегаш од мене, зајко. Не сум слушнал ништо од тебе или твојот тим. Подготвен сум да се борам во секое време. Јас сум најлошото копиле на планетата“, истакна Фјури на социјалните мрежи.
Во последната борба Фјури го победи Дерек Чисора со ТКО на крајот на 2022 година во Лондон. Сè уште не е познато со кого ќе се соочи Фјури во следната борба.