Евтин одмор нема веќе ни во септември – ПЦР тестовите на граница од 50 до 100 евра!

Поради новите ковид мерки за влез во државата, туристичките агенции бележат значително намалување на туристичките аранжмани за септември. Најмногу откажување има за аранжманите во Црна Гора и во Албанија, бидејќи таму можеше да се патува без тестови и сертификати, а сега за враќање во државата ќе мора да се исполнат пропишаните услови, што е дополнителен трошок за граѓаните. Според информациите, ПЦР тестовите во Грција чинат околу 50 евра, а во Хрватска и до 100 евра. Така доколку некој од членовите на семејството не е вакциниран, тоа ќе претставува дополнителен трошок за македонските туристи. 

1974

Поради новите мерки за заштита од вирусот, туристичките агенции бележат откажување на аранжманите како и намален интерес за летување во септември иако вообичаено во тој период има голем интерес поради поволните цени. Најмногу откажување има за аранжманите во Црна Гора и Албанија, бидејќи таму можеше да се патува без тестови и сертификати, а сега за враќање во државата ќе мора да се исполнат пропишаните услови, што е дополнителен трошок за граѓаните.

За полесно надминување на состојбите и намалување на економските последици за граѓаните и за туристичкиот сектор од воведувањето на новите мерки Туристичко-угостителската комора инсистира да се создадат услови за тестирање на граничните премини како и можност на влез во државата да се зема решение за изолација која ќе може да биде укината во период од 24 часа со приложување на негативен тест за ковид.

-Во овој дел бараме изолацијата да може да биде прекината по приложен негативен тест. Тоа значи дека граѓаните на самите гранични премини да земат документ за самоизолација, а истата да може да биде прекината со приложување на негативен PCR тест или антиген тест уште во наредните 24 часа, истакна Ана Марија Алексова од ТУК.

Дополнително Алексова вели дека е потребно и да има можност во меѓуграничните зони да се прават тестови за ковид кои би биле по достапни цени, а да има и можност за влез во државата со негативен антиген тест кој може да се купи во аптека.

И Маја Димитровска од Атлас изјави дека веќе има откажувања на туристичките аранжмани од страна на граѓаните и оти мерката е задоцнета и требаше да биде донесена многу порано.

-Ако државата носи ваква мерка тогаш мора да обезбеди рапид тестови на граница, а друга опција е граѓаните да одат во самоизолација и во рок од 24 часа да достават негативен ПЦР тест, додава таа.

Дел од граѓаните кои деновиве заминаа на одмор во Грција велат дека поради зголемениот број на заразени со ковид-19 заострени се условите за влез во државата. Претходно на граница ги бараа само пасошите, а сега ги проверуваат сите документи, освен тоа сега туристите не се тестираат по случаен избор, туку се тестираат речиси сите дури и оние кои се вакцинирани.

Според информациите, ПЦР тестовите во Грција чинат околу 50 евра, а во Хрватска и до 100 евра. Така доколку некој од членовите на семејството не е вакциниран, тоа ќе претставува дополнителен трошок за македонските туристи.

На 17 август владата донесе одлука од први септември домашни и странски државјани за влез во државата да приложат сертификат за вакцинација со примени најмалку две дози или сертификат за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, како и негативен тест направен 72 часа пред влез во земјата. За македонските државјани кои ќе се враќаат во земјата по први септември, а немаат ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан ковид-19, ќе се одреди мерка карантин од седум дена домашна изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

(А.С.)