Маслото за јадење почна да го снемува од рафтовите во маркетите. Граѓаните се жалат дека последниве денови не може да се најде од евтиното масло за јадење кое чинеше од 60 до 70 денари, туку само маслото „Брилијант„, кое чини околу 90 денари за литар. Граѓаните не знаат која е причината, а вработените во маркетите немаат објаснување, велат дека едноставно не го добиле неколку дена. Познавачите на состојбите на пазарот велат дека повлекувањето на евтините масла може да значи зголемување на нивната цена поради растот на цената на струјата на домашниот пазар и на берзите, како и поради растот на суровината која е целосно увозна. Од друга страна, зголемување на цената на маслото има и во Европа, каде најголем раст од 54 отсто е забележан кај маслиновото масло.
-Зголемувањето на цената на струјата за малите потрошувачи за 20 до 30 денари и на берзите за оние компании кои се снабдуваат на слободниот пазар може да значи и поскапување на одредени производи. Поради тоа некои производи, како маслото за јадење, намерно се повлекуваат од рафтовите во маркетите за да се зголемат цените. Не е само маслото за јадење, слична е ситуацијата и со другите производи кои ги нема неколку дена, а потоа кога ќе стигнат ќе имаат нови повисоки цени, изјави за весникот ВЕЧЕР, Љупчо Радовски, од Сојузот на синдикати на Македонија.
Според него, компаниите прво ќе ги покачат цените, а потоа ќе се правдаат дека причината е поради зголемените цени на струјата и на суровината, која за маслото за јадење ја увезуваме.
-Маслото за јадење е производ којшто влегува во основните производи за исхрана за кое беше речено дека нема да има зголемување на цената во наредната година и оти имаме доволно домашно производство за да се задоволат потребите на пазарот. И да се зголеми цената само за 2 денари, граѓаните сепак тоа ќе го осетат. И овој месец ставката на храна е највисока, на едно семејство во месецот само за храна му одат 23 илјади денари. Податоците за потрошувачката кошница покажуваат дека само последните три месеци само храната е поскапена од 400 до 600 денари, што не е малку со оглед на малите плати, вели Радовски.
Граѓаните не знаат која е причината, но велат дека веќе неколку дена бараат низ повеќе маркети во градот и не можат да најдат од евтиното масло за јадење чија цена се движи од 60 до 70 денари за литар. Велат дека сега мора да купуваат од маслото „брилијант“, кое е поскапо за 20 денари, што не малку со оглед на тоа дека се работи за основен прехранбен производ кој го купуваат често.
Вработените во маркетите немаат објаснување зашто го нема евтиното масло. Велат дека го нема ниту во магацин и оти побарале, но не сè уште не им го доставиле.
И во Европа има зголемување на цената на маслото за јадење, а најголем раст има маслиновото масло кое за една година порасна за 54 отсто.
И кај нас маслиновото масло значително поскапи. Граѓаните велат дека и покрај тоа што е здраво, веќе не можат да си го дозволат, бидејќи цената на литар ладно цеденото масло за јадење се движи од 600 до 1.000 денари, а на обичното од 300 денари па нагоре.
Инаку вредноста на синдикалната минимална кошница за јуни изнесува 60.325 денари и е зголемена за 235 денари, споредено со синдикалната минимална кошница за минатиот месец, кога изнесуваше 60.090. Вредноста на синдикалната минимална кошница за јуни 2024 година во однос на јануари годинава кога изнесуваше 57.163 денари зголемена е за 3.162 денари, односно за 5,5 проценти. За храна и пијалаци синдикалната кошница во јуни годинава изнесува 21.952 денари што е 36,4 проценти од вкупната синдикалната минимална кошница и во споредба со јануари кога изнесуваше 21.007 денари зголемена е за 945 денари.
(А.С.)