Евростат: Еврозоната во август со стапка на инфлација од 5,3 отсто

58

Ваквите првични проценки на Евростат за августовската инфлациска стапка, означуваат дека успорува трендот на намалување на инфлацијата во Еврозоната започната од април, кога таа изнесуваше седум отсто.

Според податоците на Евростат како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисе, најголем раст на цените во август во Еврозоната имал во секторот храна, алкохол и тутун од 9,8 отсто, што сепак претставува намалување во споредба со јулскиот раст 10,8 проценти.

Во секторот услуги цените се зголемиле за 5,5 отсто, а кај неенергетски индустриски стоки поскапувањето изнесува 4,8 проценти. И во овие два сектори има помал раст на цените споредено со јули, кога поскапувањата изнесуваа 5,6, односно 5,0 отсто.

Во енергетскиот сектор, пак, во август има намалување на цените за 3,3 проценти, но тоа е помало споредено со јули кога енергенсите поевтинија за 6,1 отсто.

По земји, највисока стапка на инфлација има Словачка од 9,6 проценти, пред Хрватска со 8,5, Австрија од 7,6, Германија и Литванија по 6,4 и Словенија од 6,1 отсто. Најмала инфлација во август имале Белгија и Шпанија од 2,4 отсто, пред Кипар со три и Грција, Финска и Холандија со по 3,4 проценти. Франција и Италија се на средината на табелата со инфлациски стапки од 5,7, односно 5,5 отсто.