Ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент ја поздравија и ЕУ и Обединетите нации.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ја охрабри Грција за ратификацијата на договорот од Преспа во парламентот со што се стави крај на 27-годишниот спор за името, оценувајќи дека тоа ќе помогне во промоцијата на напорите за постигнување на помирување и надвор од Европа. Гутереш изразил задоволство од завршувањето на процесот предвиден со договорот, кој, како што вели, е испреговаран под покровителство на Светската организација.
Германската канцеларка Ангела Меркел е задоволна поради надминувањето на деценискиот спор за името. Канцеларката која го следи активно проблемот уште од Самитот на НАТО во Букурешт пред повеќе од една деценија додава дека сега, со Преспанскиот договор, патот за земјата кон евроатланските интеграции е отворен.
– Ова е само мала, но многу важна вест, која има многу врска со војна и мир, како и со стабилност. При толку многу меѓународни кризи се мисли дека ништо не се придвижува нанапред, изјави Меркел.
Шефот на пратеничката група на социјалдемократите во Европскиот парламент, Удо Булман, смета дека македонскиот премиер Заев и неговиот грчки колега Ципрас би требало да добијат Нобелова награда за мир.
Францускиот министер за надворешни работи Жан Ив Ле Дриан ја поздрави ратификацијата на договорот од Преспа во грчкиот парламент со што овој суштински политички чекор ќе овозможи наскоро стапување во сила на историскиот договор што ќе стави крај на билатералниот спор стар повеќе од четвртина век.
– Сакам да ја поздравам храброста и решеноста што ја покажаа грчките и македонските лидери, особено премиерите Ципрас и Заев, изјави францускиот министер за надворешни работи.
Поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев вели дека храброста на македонскиот и на грчкиот премиер е значајна не само за двете земји, туку и за целиот регион, поради што ќе бидат кандидирани за Нобелова награда.
Македонија за околу две недели ќе стане Република Северна Македонија. Но за правно формално стапување на сила според процедурата , претседателот на Грција треба да го потпише Законот за ратификација и тој да биде објавен во Службен весник. Ова се очекува да се случи уште во понеделник на 28 јануари и со тоа ќе стане официјален закон. Потоа Грција треба да го извести Генералниот секретаријат на НАТО дека Договорот е ратификуван кај нив и постојните претставници, амбасадорите на 29 земји членки треба да го потпишат Протоколот, и истиот треба да биде ратификуван во парламентите на нивните земји. Протоколот први треба да го ратификуваат во грчкиот Парламент и да испратат вербална нота до
Македонија дека Договорот и Протоколот за НАТО е потпишан. По приемот на нотата Македонија ќе испрати известување и до Грција и до Обединетите нации дека Договорот од Преспа стапува на сила. И двете досегашни канцеларии за врски во Скопје и Атина , прераснуваат во амбасади на двете земји.