Европски дипломат за „Политико“: Смачено ни е од ставот на Бугарија кон С Македонија

78

На сите ни е смачено од бугарскиот став кон Северна Македонија, кој е несфатлив, неодбранлив и дестабилизирачки, вели неименуван европски дипломат за бриселскиот портал „Политико“, по вчерашната одлука на Софија одново да го блокира стартот на преговорите на земјава со ЕУ на седницата на Советот за општи работи на Унијата.

– Тоа е несфатливо, неодбранливо и го дестабилизира Западниот Балкан. Бугарија губи пријатели со голема брзина. Среќна околност е што земјата не ќе може да си го дозволи ова на долг рок, изјавил дипломатот за „Политико“.

Порталот наведува дека португалското претседателство со ЕУ е второ по она на Германија од минатата година, што не успеа да издејствува одржување на меѓувладините конференции со Албанија и Северна Македонија, поради ставот на Бугарија.

– Бугарија постојано го блокира одржувањето на првите меѓувладина конференции поради домашни историски политики, кои никој во ЕУ не ги разбира, додава „Политико“.