Европските синдикати бараат од Заев исплата на ланскиот К-15 за јавната администрација

 Како причина за неисплата на овие средства кои следуваат со Колективен договор потпишан во февруари лани премиерот го наведува кратењето на буџетот поради ковид-19. Тој ветува дека лично ќе се заложи да се најде заедничко решение

128

Дел од вработените во јавната администрација сè уште чекаат државата да им го исплати регресот за годишен одмор за минатата година, што им следува со новиот Колективен договор потпишан во февруари лани.

Некои општини, самофинансирачки државни органи и државни институции ја извршија исплатата, но над 20 илјади вработени во државните органи, во правосудството, во Собранието и други, сè уште се со празни раце, иако се ближи рокот за почеток на исплата на К-15 за оваа година.

Пецо Грујовски, претседател на Синдикатот на УПОЗ во кој членуваат овие вработени за весникот ВЕЧЕР вели дека не успеале сите нивни досегашни обиди да се издејствува реализација на ова право, вклучувајќи ја и претставката до Државниот инспекторат за труд. Одговорот бил дека Колективниот договор е склучен по донесувањето на буџетот, па во него немало средства предвидени за таа намена. Но, во јавната управа и правосудството К-15 не се исплати до крајот на минатата годината и покрај тоа што буџетот имаше два ребаланса.

Сега напомош доаѓаат сродните европски синдикати. Претседателот на УПОЗ вели дека иницијативата произлегла од Европската федерација на синдикати на јавните служби – ЕПСУ, а писма со поддршка добиле од два француски синдиката, од синдикатите на Германија, Норвешка, Велика Британија и од синдикати од регионот. Германскиот синдикат вер.ди писмено се обратил до премиерот Заев, потсетувајќи го на обврската дека работниците имаат право на регресот од најмалку 150 евра нето. Во писмото пишува и дека со неисплатата на овие средства се суспендира социјалниот дијалог и колективното договарање „што е спротивно на меѓународните и европските конвенции за работничките и човековите права“.

-Ние како вер.ди и како европски синдикат во јавниот сектор ќе продолжиме да го следиме развојот на овој случај со цел да ги заштитиме синдикалните права на нашите колеги од Северна Македонија, стои во дописот до Заев од овој синдикат кој има два милиона членови.

Целосно почитување на одредбите од потпишаниот колективен договор, вклучувајќи ја и исплатата на К-15 од Заев бара и Синдикатот на државните службеници на Босна и Херцеговина.

-Ве молиме да го прекинете секој облик на закана и да ги исполните вашите преземени обврски со потпишаниот колективен договор, стои меѓу другото во писмото.
Со слична содржина е и писмото што до Заев го испратил Јан ВилиемГудриан, генерален секретар на ЕПСУ.

-Што се однесува до исплатата на регресот за годишен одмор предвиден со Гранскиот колективен договор, единствена причина зошто институциите не го исплатија на своите вработени на крајот на 2020 година е намалувањето на буџетот што мораше да биде направено со цел прилагодување на новите приоритети наметнати од справувањето со последиците од пандемијата од ковид-19, стои во одговорот на Заев на ова писмо.

Тој наведува и дека преговорите со УПОЗ ќе продолжат, а Владата и тој лично ќе се заложат да се најде заедничко решение.
Ова ветување е од пред речиси три месеци, а досега нема никакво поместување во врска со решавањето на овој проблем. Грујовски вели дека нема да отстапат од барањето и овие вработени да го добијат тоа што им следува со Колективниот договор.

–Ние како синдикат сме подготвени на договор. Прифаќаме регресот да се исплати и на рати. Еве, може исплатата да се изврши и по завршување на здравствената криза. Но, К-15 за 2020 година мора да добијат сите вработени во јавниот сектор, зашто тоа е обврска од Колективен договор, дециден е тој.

Прашањето за К-15 за јавната управа е решено како и за приватниот сектор: минималната нето сума е 40 проценти од просекот на трите последни објавени просечни плати во државата, им следува на оние кои биле вработени најмалку шест месеци во календарската година и треба да се исплати најдоцна до крајот на годината.

(С.В.)