На Европски универзитет Скопје денеска се одржа свечена манифестација на која беа доделени дипломите на дипломираните и магистрираните студенти и беше одбележан патрониот празник на универзитетот, Св. Никола Чудотворец. На свеченоста со едно минутно молчење му беше одадена почит на лидерот во високото образование, основачот, визионерот и основоположникот на Европски универзитет, проф. д-р Бојо Андрески. Неговата визија од пред повеќе од две децении дека образованието дава сила, моќ и оти вистински нè прави вредни во општеството, продолжува да се остварува.
-Горди сме што голем е бројот на студенти кои одлучија токму тука, на Европскиот универзитет да го продолжат своето образование, едноставно квалитетот во децениите нананзад се препознава. Се надеваме дека така ќе биде и во иднина. Европскиот универзитет го продолжува својот пат со засилени чекори, со нови проекти и обезбедување просперитет како во земјата така и во странство, беше истакнато на свечената манифестација по повод врачување на дипломите на студентите и одбележување на патрониот празник на Универзитетот.
Ректорот на Европскиот универзитет, проф. д-р Билјана Андреска-Богдановска, го честиташе патрониот празник Св.Никола Чудотворец на Универзитетот, а на дипломираните и магистрираните им посака да успеат да ги реализираат стекнатите дипломи и да не го забораваат Европскиот универзитет кој секогаш ќе остане нивниот втор дом.
-Денешниот ден е посветен на нашиот патронат свети Никола Чудотворец кој секогаш нè чува и ни го отвора патот и ни дава посебна сила за надминување на сите тешкотии и препреки, повторно и денес нè обедини и нè собра сите заедно да го одбележиме овој значаен ден за сите нас. На овој ден сакаме да оживееме една заслужена радост и гордост, а тоа сте вие, наши драги и почитувани студенти, и вашето дипломирање и магистрирање. Нашиот визионер и основач на Европски универзитет, претседателот и мој татко, проф. д-р Бојо Андрески, секогаш овој ден го правеше да биде голем и светол празник за сите нас, за професорите, за студентите, за вашите родители и семејства и нè обврза да го продолжиме неговото чествувањето. Овој ден за нас претставува поттик и сила да продолжиме да ја исполнуваме нашата благородна мисија и заедно со вас студентите да ја градиме вашата иднина и вашата професија, да упатиме силна порака до вас, а тоа е никогаш да не се откажувате од вашите соништа и зацртани цели. Да работите и понатаму на себе на вашето доусовршување и проширување на стекнатите знаења да бидете вредни и посветени на вашите обврски и најважно од сè да останете чесни и да застанете цврсто пред сите предизвици, истакна проф. д-р Андреска-Богдановска.
На крајот, таа им упати порака на дипломираните студентите да не бараат подобро место за живеење, туку да останат тука бидејќи му требаат на нашето општество.
– Иако знам дека вие, младите луѓе, сè почесто сонувате да пронајдете некое подобро место за живеење каде што ќе сакате вашето знаење и труд да бидат повеќе ценети отколу дома би сакала искрено да ви порачам дека на ова наше општество им требаат млади образовани сили како што сте вие. Насочете ја силата сите заедно да изградиме едно посилно општество тука бидејќи привилегија е да се биде дома во сопствената земја меѓу своите блиски и сплотено да создадаваме подобри услови овде за вас и за идните генерации, порача ректорката на Европскиот универзитет.
Деканите на факултетите, во рамки на Европски универзитет, го честитаа патрониот празник Св.Никола Чудотворец, а на дипломираните и магистрираните студенти им посакаа успех во кариерата и животот и им порачаа да не застанат тука, туку да продолжат да се усовршуваат и да се надградуваат.
(А.С.)
Фото: Ѕ.Плавевски