Европа призна – НЕМА ВЕЌЕ КОНТРОЛА ВРЗ ПОСКАПУВАЊЕТО НА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА

61

Европската комисија (ЕК) направи се што е во нејзина моќ да го зголеми снабдувањето со храна. Сакавме да ги отстраниме сите пречки кои стојат на патот за зголемување на производството на прехранбени производи, што може да влијае на потенцијално зголемување на цените. Не знам што друго можеме да направиме, изјави Јануш Војчеховски, еврокомесар за земјоделство, на неодамнешната седница на Европскиот парламент.

Со други зборови, ЕК повеќе нема нови можности да се бори против поскапувањето на храната и производствените трошоци, а Војчеховски наведува дека единствен начин ЕУ да се справи со овој проблем е да го зголеми буџетот за земјоделски субвенции.

Иако светските цени на храната, по две години, почнаа да се стабилизираат, сепак остануваат превисоки поради поскапувањето на енергенсите, ѓубривата, сточната храна и хемиските препарати за заштита на растенијата.

Дел од пратениците во Европскиот парламент предупредија дека поскапувањето најмногу ги погодува семејствата од ранливите групи, пренесува Еуроактив.

– Знаеме дека овие семејства трпат голем удар. Се прашуваме што друго би можела да направи ЕК, не само да ги поддржи земјоделците, туку и да им помогне на најзагрозените семејства во ЕУ – изјави Изабел Карваљо, член на ЕП од редовите на социјалистите, пренесува Политика.рс.

– Предложивме се што можевме да предложиме во рамките на нашите надлежности. Улогата на комисијата не е да дава предлози до земјите-членки како да се справат со инфлацијата – одговори комесарот за земјоделство.

Зголемувањето на трошоците за примарното земјоделско производство, поради огромниот пораст на цените на ѓубривата, пченицата, пченката и другата добиточна храна, влијаеше на високиот пораст на трошоците за производство на преработувачите.