Еврозоната неочекувано избегна да западне во рецесија, и покрај намалувањето на германската економија и стагнацијата во Франција во последниот квартал од минатата година, објави Евростат.
Според прелиминарните податоци на европската статистичка агенција, БДП во еврозоната стагнираше во четвртиот квартал, што е подобро од очекуваниот пад од 0,1 отсто што го најавија аналитичарите додека европските економии се борат со високите каматни стапки и ослабената странска побарувачка.
Еврозоната ја избегна рецесијата благодарение на посилниот раст во Италија (0,2 отсто), Белгија и Латвија (0,4 отсто), Шпанија (0,6 отсто) и Португалија (0,8 отсто), надополнувајќи ја загубата во Германија (-0,3 отсто). Најостриот пад на БДП од -0,7 отсто е забележан во Ирска.
Европската централна банка ги зголеми каматните стапки на рекордно високо ниво во изминатата година и половина, создавајќи построги финансиски услови низ еврозоната што помогна да се намали инфлацијата од врвот од 10,6 отсто во октомври 2022 година на 2,9 отсто во декември минатата година.
На годишна основа, сезонски прилагодениот БДП се зголеми за 0,1 отсто во еврозоната и 0,2 отсто во цела ЕУ. Најновите податоци за инфлацијата во еврозоната ќе бидат објавени во четврток.