Евровизиската ѕвезда Марија Шерифовиќ на скопскиот концерт доби тегла македонски ајвар – Оригинален подарок за оригиналната српска поп-пејачка

6092

Публиката ги пееше нејзините песни во еден глас со неа. И тогаш кога Марија Шерифовиќ на сцената во „Борис Трајковски“ покани да излезат неколку девојки, наши Македонки, кои очигледно беа нејзини фанови. Кога ги запраша „Зошто ја сакаат“, доби најинтересен одговор од една од девојките: „Затоа што ги обединуваш народите од овие поранешни југословенски простори“. Тоа уште повеќе ја разнежи пејачката која како да доби дупла сила за пеење

„Долази љубав“ (Доаѓа љубов) е насловот на концертот кој евровизиската победничка поп-ѕвездата Марија Шерифовиќ го приреди вчеравечер во Скопје пред преполната сала на арената „Борис Трајковски“. Атмосферата тешко може да се опише со зборови. Збунета беше и самата Марија, велејќи дека не знае што се случи кои планети се споија, какви тоа толку распеани луѓе дојдоа на нејзиниот концерт.

И навистина е така. Половина од песните во двочасовниот концерт ги испеа заедно со воодушевената публика. Особено со првата строфа на победничката „Молитва“ од „Песна на Евровзиија“. Па, веднаш занеме, бидејќи публиката целата песна си ја испеа за својот голем ќеиф. Марија само задоволно посматраше и се восхитуваше од илјадници и илјадници запалени светилки на мобилните телефони со што се создаде волшебно ѕвездено небо на скопјаните познато само од концертите на нашиот Тоше Проески. Марија покажа токму тоа: колку уште го сака Тоше пеејќи го потоа, неговиот хит „Срце није камен“. А, покажа и дека сè уште го почитува Здравко Чолиќ пеејќи ја неговата песна „Ти си ми у крви“.

Публиката и тие песни масовно ги испеа. И тогаш кога таа на сцената покани да излезат неколку девојки, наши Македонки, кои очигледно беа фановите на Марија. Кога ги запраша „Зошто ја сакаат“, доби најинтересен одговор од една од девојките: „Затоа што ги обединуваш народите од овие поранешни југословенски простори“. Тоа уште повеќе ја разнежи пејачката која како да доби дупла сила со која поенергично продолжи со концертот.

Публиката беше во пријатен голем шок кога Марија на сцената ја отвори теглата со македонски ајвар и со прстот брцна во ајварот за да може да каже каков е вкусот, како што истакна на „македонскиот кавијар“. Го оцени со деветка, а за „десетка ќе треба уште само малку да се потпече“, велеше Мара за впечатоците на македонскиот специјалитет.  И што да се каже уште за Марија и концертот?                                Ретко која пејачка од овие простори, а која притоа на сцената не облекува ниту фустани, ниту покажува полуголи гради со разголен задник, успева до последно место да ги наполни спортските арени и воедно да ја држи огнената атмосфера од почеток до крај и тоа без гости. Само Марија и никој друг. Токму затоа и се вика солистички концерт.

Облечена во црни панталони, црна маица, црно палто, закопчана до грло  и со „машка“ фризура, во црни патики и без трошка шминка, пејачката покажа дека песната е да се пее, а не да се прави од песната циркус на сцената. Токму таква, оригинална во сè и во самото однесување и самата комуникација. Публиката тоа мошне добро го препознава кога Марија е во прашање. Марија пее, што се вели „растура“, токму така како пеперутки да ви поминуваат низ стомакот. Скопскиот концерт (во организацијата на „Прагма“) долго, долго ќе се памти и ќе се прераскажува.                                                                                                       Дуле Миќиќ

 

 

ИЗДВОЕНИ