Еве под кои услови Македонците можат да работат во Германија

55

Веста дека германската Влада усвои Закон за вработување работници од странство одекна во балканските земји кои не се членки на Европската унија, но и пошироко.

Но, набргу реагираше Амбасадата на Германија. На веб страницата се објавени информации со три најважни факти – дека законот не стапува во сила на почетокот на 2019 година, дека граѓаните од државите кои не се дел од ЕУ не можат под истите услови да се вработат во Германија, како и дека и натаму им е потребна виза за работа во Германија.

Германската Влада се’ уште не го усвоила законот, туку се работи на Нацрт-закон на владејачката коалиција, што треба да помине низ сите институции на Владата за да биде потврден, а дури по одреден период ќе стапи во сила.

Иако се очекува дека се ќе биде подготвено за 1 јануари 2020 година – тоа и не мора да се случи.

Дури и ако законот почне да се применува наредната година – тоа не значи дека можете од 1 јануари 2020  година да го спакувате куферот и да се упатите кон Германија според новите услови.

Дури и да најдете работодавач, може да поминат месеци додека добиете документи. Се оди преку Амбасадата на Германија или Конзултатот. Доколку не се намали времето на чекање во конзуларните одделенија на амбасадите во поранешните југословенски републики нема многу да се олесни процесот на заминување работници во Германија, објави Би-Би-Си.

Според досегашните искуства, на лицата со факултет веќе им е овозможено да дојдат и да бараат работа со помош на сина карта. Моментно, луѓето без универзитетска диплома можно е да одат само ако нивната професија е дефицитарна. За останатите професии треба прво да се провери дали некој работник од Германија или некои други земји од ЕУ може да ја преземат таа работа. Списокот на дефицитарни професии се укинува кога ќе се воведе новиот закон, па германските и граѓаните на ЕУ повеќе нема да бидат привилегирани.

Не е јасно колку ќе трае процесот за подготвување на документите ако се усвои новиот закон, а од тоа ќе зависат сите работи.

Новата стратегија на Владата на Германија ги обрзува очекувањата конзуларните одделенија на амбасадите да доделуваат термини најдолго во рок од 14 работни дена од поднесувањето на барањето. Одлуката за одобрување на визата би требало да се донесе во рок од три недели по терминот.

Идејата е да се направи централно одделение за странци и комплетно да се дигитализира, бидејќи, иако на многумина им делува чудно, сите документи кои треба да се испратат за виза во Германија не одат преку мејл, туку физички.

Овој закон само ќе ви овозможи потенцијално полесно да отидете за Германија, но оваа земја усвојува сет закони кои треба и да ви го олеснат животот – кога еднаш ќе отидете.