Властите во Јапонија им препорачаа на илјадници луѓе да ги евакуираат своите домови денеска бидејќи моќниот тајфун Канун се приближува до јапонскиот остров Окинава и се заканува со обилни дождови и силни ветрови до четврток.
Се очекуваат удари на ветер до 65 метри во секунда, објави Ројтерс. Откажани се и стотици летови, јавија француските медиуми.
Аеродромот во главниот град на Окинава, Наха, денеска беше затворен, а откажани се сите летови до и од областа, што е повеќе од 900 летови, јави ТВ Асахи.
Се очекува во среда да наврнат најмалку 180 милиметри дожд на метар квадратен, јави телевизијата НХК.
Невреме имаше и во други делови на Јапонија, а речиси 15.000 домаќинства останаа без струја во Токио и околните места по силна бура со грмотевици, објави „Токио електрик пауер“, пренесува Танјуг.
Според податоците на Јапонската метеоролошка агенција, денеска во 10 часот по локално време (01:00 часот по Гринич), моќниот тајфун, што, исто така, е со значителен обем, се наоѓаше на 240 километри југоисточно од главниот град на Окинава – градот Наха.
Локалните власти ги повикаа жителите, кои се изложени на ризик, да побараат побезбедни места, подалеку од своите домови, бидејќи се очекуваат силни ветрови и пороен дожд.