Поддршка на конкурентноста, јакнење на регионалното поврзување и поддршка за „зелената економија“ се трите приоритети кон кои ќе биде насочена новата стратегија за соработка на Македонија со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) 2019-2023 година, истакнале на денешната средба министерот за финансии Драган Тевдовски и делегацијата на Бордот на директори на ЕБОР, предводена од Франс Викерс, директор на Холандската конституенца во која членува и Македонија.
– На средбата беше посочено дека во новата Стратегија ќе бидат застапени проекти што преку развој на транспортната и енергетската инфраструктура ќе обезбедат подобро регионално поврзување. Исто така, ќе бидат предвидени и проекти со кои ќе се поддржи конкурентноста на приватниот сектор, а со тоа дополнително ќе биде поддржан економскиот раст. Приоритет во четиригодишната стратегија за соработка со ЕБОР ќе биде и „зелената економија“. Тоа подразбира проекти насочени кон зголемување на капацитетите за обновлива енергија, зголемена енергетска ефикасност и ефикасност на ресурсите како и подобрена еколошка инфраструктура на локално и општинско ниво, соопшти Министерството за финансии.
Министерот Тевдовски, кој е и гувернер за Македонија во ЕБОР, се заблагодарил за досегашната успешна соработка, особено во делот на инфраструктурните проекти, изразувајќи надеж за нејзино продлабочување со засилување на поддршката на јавните инвестиции, како и продлабочување на соработката со приватниот сектор. Тој исто така ја информирал делегацијата на ЕБОР за реформите кои се спроведени во јавните финансии во поглед на планирањето и буџетирањето, јавните набавки, јавната внатрешна финансиска контрола и управувањето со јавниот долг.
Посети на директорите на ЕБОР се редовни и се одвиваат на секои две до четири години во секоја земја на работење. Со посетите се овозможува директорите да бидат запознаени со политичките и економските движења во земјата, како и со тековните и идните проекти во рамки на соработката меѓу земјата и ЕБОР.
ЕБОР досега има одобрено 115 проекти во Македонија, со вкупен износ од 1,85 милијарди евра. Од нив 85 проценти се проекти во јавниот сектор, а останатите за поддршка на приватниот сектор. Активното портфолио на банката во моментот изнесува 792 милиони евра, од кои 78 проценти се пласирани во инфраструктурниот сектор, 10 проценти во енергетиката, 8 проценти во финансискиот сектор, додека останатиот дел во индустрија, трговија и агробизнис.
Банката учествува во финансирањето на крупни проекти во земјава како ремонт и рехабилитација на железничката пруга долж Коридорите 8 и 10, Програмата за национални патишта, експресниот пат Штип-Радовиш, изградба на фотоволтаична централа Осломеј, 400 киловолтната интерконекција Македонија – Албанија, набавка на еколошки автобуси на Град Скопје…