Се зголемува бројот на инфицирани, се полнат болничките кревети, го запоставивме грипот, ги пуштивме децата во училиште. Според мене сè уште делта сојот ни е доминантен во однос на омикронот, некаде тој однос сметам дека е 60 : 40 во полза на делта. Кога на тоа ќе се додаде фактот дека сега е сезоната на грипот, кога ќе се спојат грипот и делта или омикрон сојот, доаѓаме до ваква тешка ситуација. Тврдам дека многу го запоставивме грипот, бидејќи симптомите и на омикронот и на грипот се речиси идентични, матичните доктори тешко го разграничуваат, ги праќаат заболените во ковид-центрите и таму дополнително се заразуваат, и мислам дека и во наредните недели грипот ќе го возвраќа ударот, затоа што и од грип се умира, вели за весникот ВЕЧЕР, епидемиологот Сашко Олумчев
-Ковид-центрите се веќе исполнети, иста е состојбата и тука во Гевгелија, бројките се загрижувачки и растат од ден на ден. Нè чекаат тешки денови, голем број на здравствени работници се на боледување, некои се веќе преморени. Како илустрација, Гевгелија, според бројот на новозаразени во изминатата недела беше на високото четврто место по инциденцата, со 17 заболени на 100.000 жители, вели за весникот ВЕЧЕР, епидемиологот Сашко Олумчев, со кого разговаравме онлајн бидејќи тој веќе 12 дена е на боледување – по две години борба против пандемијата и тој се зарази од ковид-19.
Со д-р Олумчев поразговаравме за состојбата со сè поголем број заразени лица во општина Гевгелија, зошто е тоа така и се гледа ли излез од оваа состојба?
„Овие високи бројки на инфицирани во нашата општина беа логични за очекување, имајќи предвид дека Гевгелија е погранично место, границите ги оставивме отворени, се организираа прослави, масовни собири, не се воведуваа дополнителни рестриктивни мерки, сметајќи дека омикронот, иако побрзо се шири, сепак, тврдеа стручните лица, не предизвикува толку тешки симптоми кај заразените. Тука, мислам дека се направи најголемата грешка, затоа што, не се направија доволен број секвенционирања за да се види за кој сој се работи, вели Олумчев. Според мене сè уште делта сојот ни е доминантен во однос на омикронот, некаде тој однос сметам дека е 60 : 40 во полза на делта. Кога на тоа ќе се додаде фактот дека сега е сезоната на грипот, кога ќе се спојат грипот и делта или омикрон сојот, доаѓаме до ваква тешка ситуација. Тврдам дека многу го запоставивме грипот, бидејќи симптомите и на омикронот и на грипот се речиси идентични, матичните доктори тешко го разграничуваат, ги праќаат заболените во ковид-центрите и таму дополнително се заразуваат, и мислам дека и во наредните недели грипот ќе го возвраќа ударот, затоа што и од грип се умира, вели Олумчев.
Зошто Гевгелија дојде во таква ситуација, кога според бројот на вакцинирани со една или две дози, беше меѓу најдобрите во Македонија, со вакцинирани речиси над 60 проценти од населението, Олумчев вели:
Тука веднаш ќе им одговорам, да висок беше тој процент, но мал беше процентот на граѓани вакцинирани со трета, таканаречена „бустер“ доза, некаде околу 20 отсто од населението. И, што е најважно, а тоа мора отворено да го кажеме, вакцините нè штитат 100 отсто од заразување. Антителата по одреден период се намалуваат и затоа имаме и реинфицирани пациенти, некои и по два пати. Затоа, апелирам уште еднаш, по којзнае кој пат, треба да се прими и третата доза, а можеби ќе биде потребно, доколку ова мутирање на вирусот продолжи, и четврта доза. Вакцините, сега за сега се единствениот начин на борба против пандемијата.
Друго прашање е намалувањето на деновите за изолација кај болните од ковид-19, и кај оние кои немаат, но и кај оние кои имаат симптоми, вели докторот. Оние кои имаат симптоми мора да се вратат на работа и може да дојде до влошување на нивната здравствена ситуација. Според мене, како да е оставено вирусот да се шири оставен сам на себе, и како да чекаме, откако ќе помине низ целата популација, по природен пат да стекнеме колективна имунизација.
Како искусен епидемиолог, вели дека тргнувањето на децата на училиште со физичко присуство ќе ја влоши состојбата во земјава – Неделава учениците тргнаа во училиште, иако јас, како и неколку мои колеги епидемиолози се залагавме наставата, наместо со физичко присуство, ако не цел месец, туку барем за две недели да се одвиваше онлајн. Да, точно е, младите полесно го поминуваат ковидот, се инфицираат, некои се и асимптоматски, но да не заборавиме, тие од училиште се враќаат дома и може да ги инфицираат своите постари членови на семејството.
Поради ова, бидејќи инкубацијата на овој сој е некаде до три дена, очекувам наредниот понеделник уште поголема бројка на регистрирани новоинфицирани граѓани, како во Гевгелија, така и во државата, вели докторот и додава дека за разлика од образложението на институциите дека ситуацијата е под контрола, тој смета дека епидемиолошката состојба во моментот во најмала рака е загрижувачка” бројките растат секојдневно, а мислам дека ќе расте и притисокот врз здравствените институции, затоа што ќе се зголемува бројот на заразени на кои ќе им треба хоспитализација“, вели доктор Олумчев.
Љупчо АЛЕКСОВСКИ