Д-р Зоран Крстевски: Кој и со какви методи ни го програмира умот?

20

Доктор Зоран Крстевски во книгата „Програмирање на умот“ предочува методи како да се заштитиме од негативните влијанија, како да постигнеме внатрешен мир, како да ја зајакнеме самодовербата и како да станеме свесни за потенцијалите што ги поседуваме.

– Во книгата „Програмирање на умот“ се предочени позитивните методи за справување со стресот и со анксиозноста и се потенцирани начелата за хармонизирање и духовно напредување – вели д-р Крстевски за весникот ВЕЧЕР.

Многу барана од читателите е и книгата „Патот на кармата – индиска мудрост и етика“, во која преку величествените Џајна, Буда, Шанкара, Ганди е сублимирана индиската мудрост на вековите. Професор Крстевски открива за читателите на весникот ВЕЧЕР дека подготвува нова, 12. книга по ред – „Астролошки записи“, која би требало да излезе од печат до крајот на месецов. Доктор  Крстевски е професор по деловна етика, методологија на научноистражувачката работа, управување со промени, ораторство и јавен настап на Европски универзитет – Скопје, кој ги пренесува своите вештини и методи и на идните академски граѓани

Живееме во време на извртени вредности, исполнети со многу неправди, лаги и измами. Доминацијата на материјалното и ориентацијата кон ниските страсти експресно напредуваат, заканувајќи се да ги однесат нештата кон бездна. Се загуби чувството за општо добро, а етичките принципи станаа „непрактична“ вредност. Тоа предизвика профитот да биде побитен од човечкиот живот. Во политиката, правосудството, медицината, економијата, образованието, науката, медиумите, урбанизмот… преовладува ниска свест за професионалната етика и неисполнување на деонтолошката обврска – одговорно извршување на должноста. Каде е излезот за добрите луѓе, кои не сакаат да се претопат во мноштвото и да бидат под удар на негативните вибрации на современото живеење? Одговорот на ова прашање, облагороден со позитивните поуки за спротивставување со стравот, стресот, анксиозноста, гневот, заслепеноста и траумата, е сублимиран во книгата „Програмирање на умот – позитивни методи за справување со стресот и анксиозноста“ на Зоран Крстевски, професор на Европски универзитет – Скопје, мотиватор, писател, астролог, филозоф.

„Програмирање на умот – позитивни методи за справување со стресот и анксиозноста“ беше убедливо најпродавана на Саемот на книгата и успеа да го задржи истиот епитет како и „Моќта на умот, моќта на срцето“ и „Заштита од злото и негативните вибрации“, „Патот на кармата“, кои беа на врвот и на претходните саеми на книгата.

Доктор Зоран Крстевски во книгата „Програмирање на умот“ предочува методи како да се заштитиме од негативните влијанија, како да постигнеме внатрешен мир, како да ја зајакнеме самодовербата и како да станеме свесни за потенцијалите што ги поседуваме.

– Кој и со какви методи ни го програмира умот? Многумина не знаат по кој пат да тргнат за да излезат на крај со стравот, стресот и со  анксиозноста. Стресното живеење предизвика општо чувство на незадоволство и несигурност. Луѓето сè почесто се под удар на депресијата, зависта, љубомората, омразата, гневот и имаат ниско ниво на самопочитување. Таквите емоционални состојби укажуваат дека на човекот му се потребни поучни информации за да се заштити од разните притисоци, проблеми и тешкотии на модерното време. Суштината е да го ослободиме умот од негативните програми на размислување и да ги активираме силата и свеста за осмислен живот и за креативна работа. Со оглед на тоа што депресијата и анксиозноста се сè поприсутни, неопходно е да ги согледаме причините, но и да дадеме решенија за излез од негативните емоционални состојби – вели д-р Крстевски за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека за да станеме задоволни од себеси и за да бидеме полни со дух, волја и со позитивна енергија, неопходно е да се грижиме за состојбата на својата душа. Тоа подразбира, додава, да бегаме од сè што го токсицира нашиот дух, го затапува нашиот ум, го повредува нашето срце и ја фрустрира нашата личност.

– Не треба да гледаме на стресот само како на негативна појава. Одредено ниво на стрес е корисно, бидејќи го изострува нашиот фокус, ги зголемува нашите перформанси и ни го буди чувството за конкурентност. Ни дава енергија и нè мотивира да решаваме проблеми и да прифаќаме предизвици. Меѓутоа, премногу стрес во текот на долг временски период ќе предизвика штета доколку не го ограничиме неговиот извор или доколку не обезбедиме нашиот одговор на него да биде рационален – вели д-р Крстевски.

Во „Програмирање на умот“ се дадени насоки како да подготви нашиот организам одговор на хроничните секојдневни стресови и да ја зачува внатрешната стабилност. Покрај методите за надминување на стресот, во книгата се предочени и аспектите на анксиозноста и препораките за нејзино надминување.

– Треба да знаеме дека нашиот ум е мошне моќен, особено ако го програмираме да работи за нас. Имаме моќ да останеме здрави, но се откажуваме од таа моќ ако престанеме да водиме грижа за здравјето, односно ако сме во постојана состојба на анксиозност или негативност. Сите ние сме прифатиле некои негативни програми и сите имаме страв и напнатост во себе. Сè додека не научиме да ги менуваме нашите внатрешни уверувања, ќе живееме според негативната програма на размислување – со стресови, стравови, маки и болести. Ние сме одговорни за својот живот и за менување на погрешните навики и ментални програми. Кога ќе научиме дека е за наше добро да ги промениме нашите уверувања, животот ќе тече опуштено, здраво, хармонично и перспективно. Законот на привлекување укажува дека го привлекуваме во својот живот тоа во што веруваме.

Нашиот мозок е приспособен да создава навики и да се развива во насока на позитивните можности.

Во рецензијата за книгата, професорот Кирил Темков ќе напише:

– „Програмирање на умот“ е блескотен израз на научната активност и на хуманистичката свртеност на д-р Зоран Крстевски кон мудрите аспекти на постоењето. Во книгата, тој зборува за тешкотиите на умствената градба на современиот човек и за многуте опасности произлезени од разните неспокојства, трауми, заблуди, погрешни занеси и од маките што ги има од лошите ориентации. Со својата длабока проникливост, авторот ги предочува страдањата што ги чувствува скоро секој како од лична негрижа за духовното унапредување така и од околностите, опкружувањето и поставеноста на системот во земјата во која опстојува. Така, новата книга на д-р Крстевски ја потресува нашата свест, која е оптоварена со погрешните настапи и со ограничувачките размислувања на современиот човек. Од неа можеме да научиме дека треба да се освестиме и да внимаваме на нашите духовни, душевни и морални истапи за да имаме афирмативно програмирање на умот. Книгата е полна со корисни информации, со позитивни гледишта и со научни погледи како да го водиме нашиот живот во ова време на невреме.

Многу барана од читателите е и книгата „Патот на кармата – индиска мудрост и етика“, во која преку величествените Џајна, Буда, Шанкара, Ганди е сублимирана индиската мудрост на вековите.

– Индиската моралика, една од најубавите во меѓучовечката размена на добрини, денес одекнува низ светот, не само на Далечниот Исток, во Кина, Кореја и Јапонија туку и во најмодерните земји, кај нивните менаџери, инженери, филозофи, кај интелектуалците, кои практикуваат јога и себеоткривање низ индиските морални норми. За филозофите и за етичарите Индија е сечовечки рај. Затоа д-р Зоран Крстевски го поврзува својот длабоко мудар и широк агол на гледање со индиските мудреци, кои му даваат на светот силен звук на вистинољубивост и на човекопосветување. Тагоре, Кришнамурти, Јогананда, Шри Чинмој, Ганди – тоа се хероите на етиката што ја застапуваат човечката страст за индиската мудрост – вели професор Темков во рецензијата на новото дело на својот ученик.

Доктор Зоран Крстевски, професор по деловна етика, методологија на научноистражувачката работа, управување со промени, ораторство и јавен настап на Европски универзитет – Скопје, кој своите вештини и методи ги пренесува и на идните академски граѓани.

– Главната цел во мојата професорска работа е да ги мотивирам студентите да бидат посветени на своето студирање и постојано да го надградуваат своето знаење. На предавањата претпочитам низ практични примери да им ја доловам наставната материја и да ги мотивирам подлабоко да навлезат во поентите од предавањата. Интеракцијата професор-студент е клучна за спроведување ефективни предавања. Можам да се пофалам дека во секоја генерација студенти среќавам поединци што покажуваат исклучителни резултати и се истакнуваат со своите посветеност и знаење. Не сум од професорите што лесно даваат оценка 10, но огромно ми е задоволството кога покажува студентот одлични резултати – вели д-р Крстевски.

Доктор Крстевски е познат по своите настапи на радијата и на телевизиите, а е редовен колумнист  и во весникот ВЕЧЕР, каде што неговите мотивациски текстови се објавуваат секој понеделник. Има и свој јутјуб-канал со илјадници прегледи. Тој редовно одржува едукативни предавања низ државава, а следниот месец ќе гостува во Битола, во организација на Универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски“.

– Филозофите се повторно на чело на откривањето на предизвиците и на креирањето позитивни решенија. Големиот мислител на Македонија, д-р Зоран Крстевски, благородно им е посветен на духовните вредности и на посочувањето на правилните чекори во животот кај луѓето. Тој со својот богат опус, многуте издадени книги и со постојаното пишување во весниците е комплетно присутен во нашето интелектуално и морално живеење – ќе напише д-р Темков.

Професорот Крстевски открива за читателите на весникот ВЕЧЕР дека подготвува нова книга, 12. по ред, со наслов „Астролошки записи“, која би требало да излезе од печат до крајот на месецов.   (Е.А.)