Како што вели за весникот ВЕЧЕР, директорот на Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, д-р Љубен Арсенков, под голем притисок се, бидејќи секојдневно расте бројот на пациенти кои доаѓаат на третирање во оваа болница, но ниту еден пациент не е вратен. Според него, дневно има и по 240 амбулантски прегледи, но и абдоминални интервенции, операции на скршеници, пластична хирургија, што е зголемено за 30 насто. Како што вели д-р Арсенков, располагаат со стотина болнички кревети и има денови кога се бара кревет повеќе

 

Во изминатите две недели откако почна да се реновира Ургентниот клинички центар за сто насто е зголемен бројот на итните амбулантски прегледи и за 30 насто зголемен бројот на итните операции во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, поранешна Стара градска болница.

Како што вели за весникот ВЕЧЕР, директорот на оваа клиника за хируршки болести, д-р Љубен Арсенков, под голем притисок се, бидејќи секојдневно расте бројот на пациенти кои доаѓаат на третирање во оваа болница, но ниту еден пациент не е вратен. Според него, се вршат амбулантски прегледи и абдоминални интервенции, операции на скршеници, пластична хирургија, а се редуцира бројот на интервенциите кај хронични пациенти.

-Зголемен е бројот на пациенти што се прегледуваат во нашата здравствена установа, ако досега во ургентната амбуланта се прегледувале од 100 до 120 пациенти, сега бројката достигнува и до 240 прегледи. Меѓутоа не станува збор само за пациенти од внатрешноста, како што препорача Министерството за здравство пред да почне реновирањето на Ургентниот центар, сепак доаѓаат и скопските пациенти, тоа не е забрането и ние и ним им даваме здравствени услуги, вели д-р Арсенков и појаснува дека пациентите кои со санитетски возила ќе бидат носени кон Скопје, со оглед дека Ургентниот центар се реновира, прегледите, тријажата, односно дијагностика на тие пациенти се прави во нивната болница.

Тој укажува дека во постојана дневна координација се со болницата” 8 Септември „и заради големата фреквенција на пациенти некои дијагностички апарати се вон функција што уште повеќе го отежнува третирањето и прифаќањето на пациентите.

Според него, во Ургентниот центар има неколку простории што се адаптирани, но немаат доволен капацитет, простор да ги реализираат прегледите и затоа се создава притисокот во „Свети Наум Охридски “

-Некои рендген-апарати не функционираат во „8 Септември“, но, за жал, и кај нас еден рендген апарат се расипа, но веднаш реагиравме и во координација сме со министерот и заменик-министерот за здравство да се најде соодветно решение. Со помош на Брзата помош има пациенти кои ги носиме на снимање во Клиничкиот центар и потоа ги враќаме кај нас на преглед. Состојбата со апаратурата не може да се предвиди, но сервисни служби веќе се повикани – посочува за весникот ВЕЧЕР, д-р Арсенков и нагласува дека иако установата е преоптоварена од многу пациенти, не се жалат, но побара едно поголемо трпение кај пациентите и нивните фамилии да се сообразат со новонастанатата ситуација.

Арсенков посочува дека иако е зголемен опфатот на оперативните зафати, се трудат да ги намалат операциите за хроничните пациенти за да може да се прифатат пациентите со итна хируршка интервенција како што се скршеници, абдоминални заболувања и малигни заболувања кои почнаа да пристигнуваат во зголемен обем.

-Капацитетот ни е околу стотина кревети, некогаш се соочуваме и со немање на место да лежат болните, немање на место во интензивна нега. Тоа е реалната ситуација, но во овој период ќе се обидеме со сите наши кадровски капацитети да ја совладаме ситуацијата. Но, сепак, бараме трпение и кај пациентите зошто сме хируршка установа и сме наменети за прифаќање и третирање на хируршки пациенти – дообјаснува д-р Арсенков.

Според него, во моментов насушна потреба за вработување на нови кадри нема, бидејќи ги задоволуваат потребите.

-Меѓутоа просторот е тој, апаратите се тие, не можеме да се прошириме и да отвориме повеќе амбуланти. Ако се земе предвид од 2018 година до денес за 300 насто е зголемен бројот на прегледи во нашата установа. Тоа зборува дека можеби пациентите се задоволни од нашите услуги, а ние не сме вратиле пациент кои можеме да го третираме со нашите професионални екипи. Но веќе се соочуваме со бројка на пациенти на кои не сме во можност да им излеземе во пресрет посочува д-р Арсенков.

Доктор Арсенков се потсетува дека за време на епидемијата кога имаше силни бранови на ковид-19, Клиничкиот центар и „8 Септември” беа претворени во ковид-центар, кај нив се прифаќале пациентите за хируршки интервенции.

-Кај нас работат професионалци, имаме искуство да се адаптираме на потребите , се надевам дека и овој пат во оваа ситуација ќе успееме да се снајдеме заклучува д-р Арсенков.

(В.Ма.)

Фото Ѕ.Плавевски