-Работниот ден на филмскиот работник трае најмалку 12 часа, тој не добива државна плата на први, туку неговиот приход зависи единствено од снимачките денови кои ќе бидат реализирани. Македонските продуценти секојдневно се соочуваат со притисоци и закани за меѓународни тужби и откажување на соработки, а нашата држава престанува да биде дел од европското филмско семејство. Загрозено е и нашето членство во значајни регионални, европски и светски организации и асоцијации, му напишаа денеска од Друштвото на филмските работници на Македонија на министерот за култура, Зоран Љутков.

Во отвореното писмо, испратено и до јавноста, од ДФРМ посочуваат дека во периодов кога тече веќе четвртиот месец од мандатот на в.д. директорката на Агенцијата за филм, речиси и да нема снимања, не е потпишан ниту еден договор за финансирање на веќе одобрени проекти, не е прегледан ниту еден извештај за наменско трошење на средства, исплатите кон тековни и веќе реализирани проекти се стопирани и годинешниот конкурс за производство на филмови е поништен.

-Во време кога филмските професионалци се во немилост и страдаат за елементарна егзистенција, а филмските продукции бараат алтернативни начини да опстанат, дојде и информацијата дека во предложениот буџет за 2025 година, ставката за филм изнесува само 2,4 милиони евра, бројка која е пониска и од основниот буџет за 2024 година. Оваа вест, секој еден филмаџија ја дочекува во шок и неверување. Во изминатите неколку години ДФРМ многупати јавно укажуваше дека е потребно стандардизирање на буџетот за филм по претходно утврдени параметри, а особено во текот на 2023 година во неколку наврати алармираше дека проектираниот буџет од страна на Министерството за култура за филмската дејност за 2024 година, не е доволен за елементарно да се покријат потребите на нашата кинематографија, додаваат од ДФРМ и бараат од надлежните ревидирање на овој предлог и проектирање на реален буџет за филм.

Од ДФРМ веруваат дека Министерството за култура ќе ги земе предвид нивните укажувања и, како што велат, нема да ја продолжи погубната политика од минатите години, затворајќи ги очите пред успесите на македонскиот филм, ниту ќе го игнорира фактот дека нашите филмови се апсолутен предводник во промоцијата на македонската култура во светот.

ИЗДВОЕНИ