„Сулејмновски, aвторот на изложбата ‘Духовни илуминации’, се навраќа на бојата, на пигментот на осознавањето на тајните на постулатите, кон она што значи изучување на реализмот, на академското претставување и опсервирање и проникнување во детаљ, во градење композиција со сложени соодноси. Некогаш во духот на реалното, некогаш повеќе во духот на наивното, она што ги обединува сите дела е тој негов ентузијазам, волја, страст, пасија на која предано е посветен повеќе децении“, истакнува Виолета Калиќ, историчар на уметност  

 

“Три генерации“, „Комитска“, “Селска идила“, „Жени на софра“, но и „Нотр Дам“ и „Балерини“ се само дел од насловите на дваесетте слики на Ерол Сулејмановски (масло на платно) што од петокот вечерта се изложени во Музејот на македонската борба во Скопје, во рамките на изложбата „Духовни илуминации“. Пред бројните посетители, авторот се претстави со дела во кои ги отсликува и македонската традиција и обичаите, внатрешноста и надворешноста на селската куќа, на театарот, на една катедрала… на битовото и трошното во времето и просторот. Како што посочува и Виолета Калиќ, историчар на уметност, творештвото на Ерол Сулејмановски изненадува со исчекорот што го прави во ликовноста во однос на актуелните дигитализирани медиуми и концептуални експериментирања, во сите сфери на уметноста.

„Тој се навраќа на бојата, на пигментот на осознавањето на тајните на постулатите, кон она што значи изучување на реализмот, на академското претставување и опсервирање и проникнување во детаљ, во градење композиција со сложени соодноси. Некогаш во духот на реалното, некогаш повеќе во духот на наивното, она што ги обединува сите дела е тој негов ентузијазам, волја, страст, пасија на која предано е посветен повеќе децении“, истакнува Калиќ.

Таа додава дека во творештвото на Сулеманвски, уметноста е порив за осознавање разнородни дострели и ликовни изрази и разнородни жанрови и форми со кои го доловува она што е предмет на неговата опсервација.

„Со својот избор на теми, успева да здружи разнородни жанрови, здружувајќи сцени, ентериери со традиција, обичаи и го доловува севкупниот мизансцен, па дури некаде би кажала на еден метафизички начин, бидејќи е како една замрзната сцена, вонвременска и вонпросторна, која прави дистинкција од ова наше катадневно доживување на светот околу нас и на сето она што успеваме да го акцептираме покрај сите турбулентни и непредвидливи глобални нешта. Тој го има тоа творечко спокојство потребно за секој креативец да направи таква дистинкција и да не препушти кон тој свет… Она што е препознатливо е што здружува земјени окер тонови, некаде рафинирани и патинирани, кои доловуваат носталгичност, реминисценција, анахроност од ововременото, навраќање на далечни времиња, на традицијата, на еден друг свет кој имаме можност сè помалку да го осознаваме…“, вели, меѓу другото, Калиќ.

Самиот автор, кому ова му е втора самостојна изложба, пак, едноставно ќе каже: „Го сликам човекот, реалните сцени од селскиот живот, македонското минато…“, но меѓу неговите слики може да се види и секој детаљ на ентериерот и екстериерот на градбите, меѓу кои и на катедралата Нотр Дам.

„Тоа е реализам… Љубовта кон сликањето потекнува уште од детските денови, но пред триесет години почнав да навлегувам во тајните на уметноста, поточно сликањето во техниката масло на платно, која, според мене, е најценета и најтешка. И секој слободен момент му го посветувам на цртањето. Се трудам да направам композиција во главата и се посветувам на детали. Сето ова го работам со љубов. А, убава слика е богатство“, вели авторот.

Сулејмановски во 2018 ја имаше својата прва самостојна изложба насловена „Во духовниот храм“. Преку неговите дела, посетителите на изложбата имаат можност да го видат еден специфичен пристап кон уметноста кој сè помалку се негува.

Изложбата ќе биде отворена до 2 ноември. (Д.Т.)