Дунав во Будимпешта надмина 8 метри, а врвот допрва доаѓа/ВИДЕО

69
EPA-EFE/ZOLTAN MATHE HUNGARY OUT

Реката Дунав, чијшто водостој моментално е над осум метри, би можел да го достигне својот врв во Будимпешта за време на викендот, според прогнозите на метеоролозите.

Во Унгарија, која се бори со поплави откако циклонот Борис предизвика обилни врнежи во областа на Централна Европа, ситуацијата е најкритична во селото Кисмарос, каде локалното население веќе користи чамци на улиците, додека населението во градот на Баја се подготвува за најтешката поплава во последните 11 години пренесува порталот Index.hu.

„Во Будимпешта се очекува бавен раст, водостојот на Дунав ќе се зголеми за педесет сантиметри до сабота навечер, по што реката полека ќе почне да се повлекува“, изјави генералниот директор на националното водостопанство Иштван Ланг.

Тој нагласи дека поплавите се големи и дека одбраната е отежната и оти просечниот водостој на Дунав е околу педесет сантиметри понизок од нивото на водата за време на поплавите во 2013 година, но дека оптоварувањето на одбранбените линии е сепак многу значајно.

Ланг истакна дека времето за одбрана ќе биде подолго од претходно планираното бидејќи падот на водостојот е побавен од очекуваното.

Унгарија се бори со поплави откако циклонот Борис предизвика обилни врнежи низ централна Европа. Најлошите поплави што ја погодија централна Европа во последните две децении погодија делови од Полска, Чешка, Романија, Австрија и Словачка и однесоа најмалку 24 животи.