ДУИ ја зафати силна бура, Ахмети уште мисли дека се ураган!

Заканите на ДУИ и лидерот на интегративците Али Ахмети не поминуваат кај народот, кој е мудар, не сака поделби и ги одбива без разлика на етничката припадност, порача вчера премиерот Христијан Мицкоски, откако Ахмети на традиционалниот новогодишен прием повторно се постави над законот и се дрзна повторно да му кажува на Уставниот суд што смее, а што не смее да прави. Ахмети порача дека од Законот за употреба на јазиците не смее да се чепне ни точка ни запирка, во спротивно ќе биде пружен невиден отпор од ДУИ, која била како ураган. Ахмети, чии двајца истурени функционери, Рамиз Мерко и Артан Груби, се најдоа на црната листа на САД поради корупција, бара и ветинг. Ден претходно, претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, на прес-конференција им порача на политичарите да ги тргнат рацете од Уставниот суд

1021

Заканите на ДУИ и лидерот на интегративците, Али Ахмети, не поминуваат кај народот, кој е мудар, не сака поделби и ги одбива без разлика на етничката припадност, порача вчера премиерот Христијан Мицкоски, откако Ахмети на традиционалниот новогодишен прием повторно се постави над законот и се дрзна повторно да му кажува на Уставниот суд што смее, а што не смее да прави. Ахмети порача дека од Законот за употреба на јазиците не смее да се чепне ни точка ни запирка, во спротивно ќе биде пружен невиден отпор од ДУИ, која била како ураган и дека не гледа причина за законот да дебатираат експерти и претставник на Венецијанската комисија. Премиерот вчера рече дека од опозициската ДУИ и понатаму продолжуваат да го делат народот, наместо да се извинат и да ги побараат бегалците од правда да се вратат. Во однос на констатацијата на ДУИ дека Владата нема етнички легитимитет, Мицкоски се повика на легитимитетот што го црпе Владата од повеќе од 600 илјади граѓани, кои на 8 мај го дадоа својот глас.

-Ова е можеби една од ретките влади, којашто има близу 80, а можеби и повеќе од 80 пратеника, поддршка во рамките на Парламентот. Да точно, оваа Влада е без Демократската унија за интеграција и тоа ние го кажавме и тоа кога го зборувавме кажавме и причини зошто е тоа така. Гледам дека од таму сè уште како да не ја научиле лекцијата. Во отсуство на какви било други идеи што ќе значат подобар живот за граѓаните,тие се обидуваат да ги поларизираат граѓаните и мислат дека таквата политика им носи резултати. Јас мислам дека е погрешно сето тоа и тоа го гледаат впрочем на мерењата на јавното мислење. Но добро, оние ако мислат дека така треба да продолжат да работат, нека си работат, тоа е нивна работа. Наместо да се извинат и да побараат бегалецот од правда, односно бегалците од правда да се вратат, тие продолжуваат и понатаму да го делат народот. Но, народот е мудар без разлика на етничката припадност, народот е мудар и овие политички пораки од опозицијата ги одбива и тоа е добро и така ќе продолжи во иднина, истакна премиерот Мицкоски.

Првиот човек на интегративците на новогодишниот прием на партијата испрати остри пораки во однос на Законот за употреба на јазиците, во кој, како што рече, не смее да се чепне ни точка ни запирка, во спротивно ќе биде пружен невиден отпор, и мора да има ветинг а не селективна правда.

-Ние сме го освоиле тој закон со пот и крв. Да повикувате експерти, да ја повикувате Венецијанската комисија, да повикувате лидери на политички партии за да даваат мислења и оценки за Охридскиот договор – тоа е неприфатливо и многу опасно, затоа што се оспорува документ кој е постигнат со многу напор и со многу пот и е гарантиран од ЕУ, САД и НАТО. Од тој документ не може да се смени ни точка ни запирка. Сме биле покрај Македонците во најразлични ситуации и ќе останеме, но не прифаќаме тие да бидат аги, а ние да бидеме слуги. Додека немаме вистински ветинг, додека имаме селективно судство што не врши функција според законите, туку нештата ги гледа од која етничка припадност доаѓаш, упатувам порака без оглед на политичката чистка и бурите што ги прават, дека ДУИ е ураган, порачал Ахмети, нагласувајќи дека тие не сакаат конфликт туку влез во Европската Унија.

Единственото решение за владеење на правдата е спроведување на ветинг, за кој Ахмети рече, го избегнуваат сите политички страни.

– Да користиш селективна правда со реторика „повторно Македонија на Македонците“, е колку неправедно, толку и опасно, затоа што очигледно во правосудниот систем се користи селективна правда, кадрите Албанци се омаловажуваат. Ова не е добро, ова предизвикува револт во големи размери кај Албанците, но и кај другите етнички заедници… Единственото решение за ние да имаме правда и праведно правосудство и држава каде што преовладува законот, што обезбедува баланс на власти е ние да направиме вистински ветинг. Не знам зошто страните го избегнуваат ветингот, да се направи избор на судии и обвинители од оние кои докажале дека го применуваат законот, рече Ахмети, чии двајца истурени функционери, Рамиз Мерко и Артан Груби, се најдоа на црната листа на САД поради корупција.

Ахмети ги повикал и гласачите на Вреди да им помогнат на лидерите на таа коалиција да се вратат на патот на достоинството, но од Вреди, уште пред неговото обраќање, преку соопштение реагираа дека токму од Мала Речица немаат право да даваат оценки на тема правна држава и европски вредности.

-ДУИ нон грата, партијата која го уништи правосудниот систем во земјава, се втурна во корупција и организиран криминал, повикува на европските вредности. Партија која 20 години, освен што не мрдна ниту еден камен на патот кон ЕУ, го уриваше и секој мост што го поврзуваше нашето општество со ЕУ, со партизација до крајност на судството, истовремено со обид за амнестија на лица нон грата, како Груевски и Мијалков, велат од коалицијата Вреди.

Задирањето во суверенитетот на Уставниот суд од страна на Али Ахмети доаѓа веднаш по пораката на претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, кој на прес-конференција ден претходно им порача на политичарите да ги тргнат рацете од Уставниот суд.

-Тргнете ги рацете од Уставниот суд! Останете реално и вистински посветени на заложбите за владеење на правото, за правна држава, за европски вредности! Секој што мисли дека владеењето на правото и правната држава ќе бидат попречени со политички манипулации, притисоци и влијанија, да не се труди! Никој не е над Уставот. Секој е должен да го почитува Уставот. Никој не може да има повеќе власт и права од оние што му ги доделил Уставот, им порача претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на политичките чинители во државава.

Костадиновски информираше дека подготвителната седница на Уставниот суд за Законот за употреба на јазиците ќе се одржи во периодот меѓу 19 до 21 март идната година. Уставниот суд добил одговор од Венецијанската комисија на барањето за пријателски совет дека тој ќе биде усвоен на седница на 14 или 15 март, а ќе биде објавен два-три дена подоцна. Уставниот суд побарал и претставник од Венецијанската комисија да дојде на подготвителната седница за да го образложи пријателскиот совет. (В.С.Н.)