Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш на социјалните мрежи повторно реагира на преполните контејнери во населбата Шуто Оризари. Тој и се закани на скопската градоначалничка, Данела Арсовска тие да се испразнат, во спротивно, најави дека ќе и ги донесе пред канцеларија.
-Градоначалник Данела. Контејнерите со смет низ целата населба се полни, за да не морам да ги празнам и складирам во мој приватен имот, да дојдете да си ги соберете во спротивно ви најавувам дека ќе ви ги донесам пред канцеларија. Чисто да си имаш во предвид! – напиша Дудуш на социјалните мрежи.
Тој информираше и дека и доставил опомена пред тужба за нарушување на неговиот углед, личност и кредибилитет како човек и како градоначалник.
Причината за тоа, како што наведува тој е соопштението од 27. 11 2024 година во кое според Дудуш се наведени лаги и невистини, за што бара извинување од неа.
-Колешке, ви ја разбирам нервозата, но срамот и незнаењето со инспекции и со клевети и навреди не се покрива. Бидете барем малку чесна и извинете се за кажаните лаги и невистини и ќе имаме одлична основа да седнеме на маса и со вашето знаење и моето искуство дупло од Вашето во менаџирање на локални проблеми и предизвици, ќе се обидеме да најдеме решение/нија. Во спротивно, се гледаме на суд – напишал градоначалникот Дудуш на социјалните мрежи.
Според гадоначалничката Арсовска, во општината Шуто Оризари, комуналното претпријатие кое што го раководи градоначалникот Курто Дудуш, собира од граѓаните смет и ги носи на приватна депонија која што си ја креирал за таа намена за да наплаќа средства, и тоа на негов личен приватен имот. Според Арсовска, таквата постапка на Дудуш е кривично дело и посочи дека со тоа треба да се позанимава Јавното обвинителство.
(А.П.)