ДСЗИ утре ќе го објави извештајот од надзорот за починатото 5–годишно девојче на детската клиника

33

Каде и како било лекувано 5 –годишното девојче од Скопје кое почина од воспаление на мозокот, од Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе соопштат утре. Од таму информираат дека во петокот инспектори извршиле надзор на Детската клиника каде во вторникот била констатирана смрт кај детето, но поради обемната документација извештајот ќе го објавеле во текот на утрешниот ден. Како што претходно кажаа од клиниката девојчето 2 недели било хоспитализирано кај нив поради силна главоболка.

Прво ја третирале на одделот на неврологија, но нејзината состојба се влошила и морало да ја префрлат на интензивна нега каде и била интубирана. Од установата велат дека и покрај сите напори на медицинскиот персонал детето починало од менинго-енцефалит.

За еден месец ова е трет смртен случај на дете на Клиниката. Претходно починаа новороденче од Струмица и 14 месечно девојче од Гошинце за кое се води постапка за утврдување на евентуална лекарска одговорност.