Беспилотно летало на Хезболах, лансиран во саботата од Либан, ја погоди и ја оштети куќата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Цезареја, објавија денеска израелските медиуми, откако израелската јавна цензура го дозволи тоа. Одговорноста за нападот ја презеде либански Хезболах.
На фотографијата, која претходно не беше дозволено да се објави, се гледа штетата од нападот со дронот. Немаше повредени, а Нетанјаху и неговата сопруга во тој момент не беа во куќата, како што претходно соопштија од кабинетот на Нетанјаху.
Нетанјаху го нарече таргетирањето на таа куќа обид да се убие него и неговата сопруга и рече дека тоа е голема грешка на иранскиот сојузник, Хезболах.
Тој најави дека нападот нема да го одврати од продолжување на војната и дека секој што ќе ги повреди Израелците скапо ќе плати.
„Ја објавуваме нашата целосна и ексклузивна одговорност за операцијата Цезареја насочена кон воениот злосторник Нетанјаху“, рече на прес-конференција Мухамед Афиф, шеф за односи со медиумите на исламистичката организација Хезболах, пренесе Франс прес.
Нетанјаху рече дека нападот не го одвратил да ги постигне своите воени цели.
Иранската мисија во ОН соопшти дека акцијата ја извршил Хезболах од Либан, а израелската армија навела дека биле употребени три беспилотни летала, од кои едниот погодил зграда во Цезареја.
Странските медиуми јавија дека дронот удрил во резиденцијата.
Нетанјаху има два приватни домови: еден во Ерусалим и еден во Цезареја, а неговата официјална резиденција во Ерусалим се реновира.
Нападот во Цезареја доаѓа додека Израел се подготвува да одговори на големиот ирански балистички ракетен напад на 1 октомври. Израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, најави дека одговорот ќе биде смртоносен, прецизен и изненадувачки.