25 години се на македонската естрада ! Не заборавајте – 29 ноември е вечер кога дланките ќе треба да го следат ритамот на срцата! Токму вака порачуваат членовите од популарниот македонски фолк-бенд „Дрим тим“. Тие долго време размислуваа за голем солистички концерт, малку и се думаа, но време беше да се излезе од летаргијата во која е западната целата естрада. Конечно работите да почнат да се раздвижуваат. Чекаа предолго, но се охрабрија и решија да направат концерт. И нема да згрешат. Тие се вистински професионалци.
Бендот со причина може да се пофали со милионски прегледи на Јутјуб-каналот, со свирки буквално во сите земји, бројни соработки со низа домашни авторски имиња, фестивалски настапи, со успешни носачи на звукот, учества во неброено многу ТВ-емисии… Затоа и дојде времето момците од бендот на најубав начин да и се оддолжат на публиката. Тоа ќе биде со славенички концерт во Скопје, кој е закажан на 29 ноември во Македонскиот народен театар.
25 години се зад „Дрим тим“, исполнети со убавата македонска песна, со хитови, обожаватели, новинарски интервјуа, интерконтиненатални турнеи….Концертот е музички пресек од нивното музичко-естрадно патување низ времето. Низ богата кариера која почна во1999 година кога тогашната постава на „Дрим тим“, во која членуваа Никола Коцев, Маријан Коцев, Александар Ангелов, Сашко Велков, Ангел Ќосев и Гоце Илиоски го започна своето патешествие.
Сегашната постава ја сочинуваат: Дејан Николовски – попознат по прекарот Чуле (вокал), Никола Коцев (труба), Димитар Митровски (хармоника), Александар Ангелов (кларинет/сакс), Ангел Ќосев (клавијатура) и Гоце Илиоски (тапани). На самиот концерт ќе имаат и гости, меѓу кои и: Маријан Коцев, Сузана Гавазова, „Синтезис“, Лозано… Д.М.