Државната управа нема пари да оди на одмор, бараат повисоки плати да можат да го преживеат месецот!

237

Синдикатот на УПОЗ бара ист начин на пресметка на платите на вработените во јавната управа, правосудството и здруженија на граѓани, односно исто како на функционерите, а тоа е просечна плата помножена по коефициент на сложеност. Тоа е нивниот предлог кој ќе го достават до Владата, а кој ќе се разгледува на следната седница на ЕСС. Тоа е решението што ќе овозможи вработените во овие институции чии плати кај најголем процент од нив се на ниво на минималната или нешто повисока од неа (просекот е 23 илјади денари), да стигнат барем до просечната во државата која во моментов изнесува околу 34 илјади денари  

 

Синдикатот на УПОЗ бара ист начин на пресметка на платите на вработените во јавната управа, правосудството и здруженија на граѓани, односно исто како на функционерите, а тоа е просечна плата помножена по коефициент на сложеност. Тоа е нивниот предлог кој ќе го достават до Владата, а кој ќе се разгледува на следната седница на Економско социјалниот совет.

Претседателот на УПОЗ, Трпе Деановски вели дека тоа е решението кое ќе овозможи вработените во овие институции, чии плати кај најголем процент од нив се на ниво на минималната или нешто повисока од неа (просекот е 23 илјади денари), да стигнат барем до просечната во државата која во моментов изнесува околу 34 илјади денари.

Тој вели дека вработените во државната управа немаат пари да одат на одмор, бараат повисоки плати да можат да го преживеат месецот.

– Ако вработен не може да го преживее месецот, мора на некаков начин да го искаже незадоволството – вели Деановски алудирајќи на протестите од минатата недела на вработените од Царинската управа и на УЈП. Тој напомнува дека ситуацијата е сериозна и многу негови колеги синдикалци бараат да се одржуваат предупредувачки протести, а некои бараат веднаш да се започне штрајк затоа што сметаат дека е „дојден нож до коска“.

– Договорот што треба да го направиме со Владата за методологијата за платата, сè повеќе се оддалечуваме наместо да се зближиме. Инфлацијата си го прави своето, како и економската и финансиската криза. Бараме да се примени Законот за царинска управа и колективниот договор каде што има еден член кој вели дека вработени во Царинската управа во однос на спецификата и тежината на својата работа треба да добијат 30% надополнување на платата, но, за жал, тие никогаш го немаат добиено. Тоа кулминираше и веќе не е издржливо. Ова решение е од 2008 година можеби и порано, но досега сме имале разговори дека ќе се реши и секогаш имало посуштинско прашање што требало да се реши, а тоа биле платите, но сега дојде нож до коска, како што велат кумановци и мора да се започне да се решава овој проблем – нагласува Деановски и дополнува дека Мора да се направи исчекор во државната управа, правосудството и во целиот јавен сектор, да можат баш овие вработени кои вршат специфични работни задачи да добијат нешто плус за она што го работат.

Првиот синдикалец на УПОЗ вели дека Владата е на потег да даде многу подобра понуда од онаа што ја дала на последната средба на Економско социјалниот совет.

– Предлогот на Владата што ни го даде сега го одбивме уште пред неколку месеци. Тоа беше истиот предлог со единствената измена, а таа е да не стапи на сила од 2024, туку да стапи на сила од 2023 година, а добивката за годинава е од 200 до 800 денари. Ништо повеќе за вработените во јавниот сектор согласно нашата математика. Плус од страна на Владата се бара транзицискиот период да трае пет година за да може да го добиеме она што го бараме ние, а тоа е – истиот начин на пресметка на плата како што го имаат функционерите. Тоа е просечната бруто-плата помножена со коефициенти. Тоа веќе втор месец функционира кај функционерите, многу лесно ќе се направи и кај нас и веќе ќе имаме зголемена плата кај сите вработени – потенцира Деановски.

Според него, УПОЗ неделава ќе излезе со контра понуда и вели дека идејата е поголемо зголемување на платата да добијат вработените со пониски плати, а тие со повисоки нешто помалку, за да за година – две да ја стигнеме просечната плата, а и да ги заштитиме оние со пониски плати што се поблиску до минималната или земаат минимална плата.

– Имаше математика дека околу 40 илјади вработени од 127 илјади во јавниот сектор добиваат минимална плата што е огромен процент, што е околу третина. Другиот дел добиваат плата поблиску до минималната. Натпросечна плата во нашиот сектор – управа и правосудство земаат само една категорија на вработени, а тоа се државни советници. А сите останати, раководители на сектори, на одделенија, помошници раководители, советници се под просечна плата тоа никако не се менува иако нагласувавме и бараме решение многу одамна. Ова барање со просечна плата не е нешто ново, тоа го баравме уште 2017 година укажувајќи и на Владата дека ќе дојдеме до момент ако расте минималната плата како што растеше, до крах на системот на плати во државната управа тоа и се случи. Што поскоро ако дојде до решение со примена на просечната плата ќе биде подобро за сите во државата – дециден е Деановски.

Тој смета дека Владата мора да сфати дека мора со синдикатот да се најде некаде на средина, затоа што владиниот моментален предлог е премногу долг за чекање.

– Ако чекаме 5 години да добиеме просечна плата, прво, многу колеги ќе заминат во пензија без да добијат зголемување од еден денар, што е трагично, а втор, како што кажува еден колега од градската управа – не сме мечки да хибернираме па да се разбудиме по пет години и да имаме добра плата за да го преживееме месецот – нагласува Деановски.

Ако нема реакција од институциите, од УПОЗ ќе почнат поинтензивно со протести.

– За недела – две, ќе видиме како ќе биде одговорот на Владата, а во договор со другите синдикати и конфедерации на синдикати и ако настапиме заедно како што настапивме за Законот за плати во јавниот сектор, можеме да постигнеме многу повеќе – заклучува Деановски.   

(С.Бл.)