Државата се претвори во депонија за храна, при увоз не се гледа квалитетот туку пресудна е цената. Така, на македонскиот пазар завршува евтина и неквалитетна храна, која пак македонските потрошувачи скапо ја плаќаат.
Една петина од буџетот, односно околу една милијарда евра годишно се трошат за увоз на храна, а ние се декларираме за земјоделска земја. Експертите велат дека доколку овие пари би се вложиле во домашното земјоделство ќе ни се вратат двојно, а граѓаните ќе јадат поквалитетна храна. Додаваат дека земјоделското производство се уништи и од извозници на храна станавме увозно зависни од земјите од регионот. Нашите соговорници, тврдат дека се увезува се и сешто, а институциите неможат да ја исконтролираат секоја пратка. Уште повеќе што честопати слушаме за уништена храна во која се пронајдени некои недозволени материи или за вратени пратки поради поголемо количество на пестициди…Поради тоа се поставува прашањето како од извозници на храна станавме увозно зависни?
Според Ѓорѓи Каракашев, квалитетната храна се извезува на европскиот пазар, а неквалитетната завршува на нашиот. Поради тоа, како што вели, државата се претворила во депонија за храна.
– Сè што не е квалитетно, завршува на нашиот пазар. Не станува збор само за земјоделски туку и за други прехранбени производи, кои може да го загрозат здравјето на граѓаните. Во последно време, тие често реагираат дека овошјето и зеленчукот се без вкус. Ниту една држава нема капацитет да ги провери сите пратки што влегуваат, па така и нашата. Институциите што се задолжени за контрола на увозот на храна, ги контролираат само примероците, а не сите пратки. Од друга страна, кога се работи за домашното производство, контролата може да биде многу поедноставна, односно државата може да го контролира квалитетот на храната од примарното производство, преку процесот на преработка, до финалниот производ. На тој начин ќе имаме двојна добивка, ќе се зајакне домашната економија, а граѓаните ќе јадат здрава храна – изјави Каракашев за весникот ВЕЧЕР.
Тој додава дека доколку се вложи оваа една милијарда во домашното земјоделско производство, ќе генерира дополнителен приход од уште една милијарда евра.
– Доколку имаме поголемо домашно производство, ќе има баланс на пазарот, односно ќе ги нема тие пикови на вишоци и дефицит на одредени производи на пазарот – вели Каракашев.
Професорот Драги Димитриевски, за весникот ВЕЧЕР, потврдува дека имаме намалено производство, намален извоз, намалена понуда, намалена конкурентност на земјоделските производи, што резултира со негативен биланс при увозот на храна.
– Ние сме нето-увозник на храна. Минатата година сме имале 436 милиони евра негативен биланс при увозот на храна. Ние имаме договори за слободна трговија, членки сме на ЦЕФТА, на Светската трговска организација, поради тоа државата не може многу да влијае врз овие текови, односно не може да го ограничи увозот на храна. Потребна е поголема поддршка на извозните сектори, кои може да го намалат тој негативен биланс во увозот на храна – изјави Димитриевски.
Според него, за да се намали увозот на храна, потребно е да се смени политиката на финансирање во земјоделството.
– Од 2007 г. досега сме вложиле сериозни буџетски средства во земјоделството, но резултати нема. Субвенциите не придонесоа за зголемување на производството и на конкурентноста на домашните земјоделски производи, бидејќи одеа на погрешно место. Наместо во субвенции, државата треба да инвестира во земјоделството, нова механизација, опрема, технолошки процеси… кои ќе ги зголемат производството, извозот и конкурентноста на домашните земјоделски производи – вели Димитриевски.
Земјоделскиот експерт и универзитетски професор, Илија Каров, не е оптимист дека ќе се сменат работите, со оглед на тоа што откупувачите и трговците ги држат конците во аграрот.
– Капиталот е кај нив, тие увезуваат, тие ја диктираат цената… За да се сменат работите, треба да им се дозволи на вистинските земјоделци да дојдат на пазарите. Трговците и откупувачите ги „зазедоа“ и кванташките и зелените пазари и примарните земјоделци немаат пристап. Друг проблем е што увозниците не ја прикажуваат реалната увозна цена. Дел од парите ги плаќаат на рака, а дел преку банките. Државата има механизам и може да го провери тоа кои се реалните цени, по кои цени ги набавуваат земјоделските производи таму, а по кои ги продаваат кај нас. Поради ваквиот хаос во аграрот, трпат земјоделците и граѓаните – објаснува Каров.
Експертите се согласуваат дека ако сме имале правилна стратегија за развој на земјоделството, немало да дојдеме до ова дереџе – од извозник да станеме зависни од увоз на храна.
(А.С.)