По октомвриското издание во Скопје, фестивалот РУТА од 2 до 7 декември се одржува во Белград во организација на Београдско драмско позориште. Драмскиот театар на фестивалот ќе настапи на 5 декември со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“.
Претставата е авторска адаптација на Сајмон Стивенс направена според мотивите од романот на Марк Хадон. Режисер е Зоја Бузалковска, асистент на режија е Димче Николовски – Димсата, драматург е Александра Бошковска. Костимите во претставата се на Елена Вангеловска и Раде Василев, а сценографијата е на Константин Трпеноски. Авторската музика е на Давид Ангеловски, а кореографијата и фри ранинг техниката е на Симон Симоновски.
Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Лазар Христов, Златко Митрески и Нела Павловска.
Изведбата во Белград е второ меѓународно гостување со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ по гостувањето на сцената на Местно гледалишче Љубљана во рамките на фестивалот РУТА. Во Македонија претставата се играше во Битола и Велес како и на фестивалите Охридско лето и на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Освен одличниот прием кај публиката и театарската фела на матичната сцена и на ревијалните фестивали, претставата се здоби со 5 исклучителни награди на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ меѓу кои: награда за главна машка улога на актерот Дамјан Цветановски за улогата на Кристофер Бун, награда за женска епизодна улога за актерката Емилија Мицевска за улогата на Џуди, награда за сценографија ја доби Константин Трпеноски, награда за костимографија се додели на Елена Вангеловска и Раде Василев и награда за кореографија и сценски движења ја доби Симон Симоновски.
„Чудна случка со кучето во ноќта“ е на редовен репертоар на Драмски од премиерата во 2021, а гостувањето во Белград ќе биде 34 изведба на претставата.