„Драми на принцезите“ е насловот на претставата од нобеловката Елфриде Јелинек, а во режија на Жива Бизовичар од Словенија, која публиката ќе има можност премиерно да ја види вечерва (20 ч.) на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар во Скопје.

Во претставата, која е наменета за лица постари од 16 години, улогите ги толкуваат: Јелена Жугиќ, Ивана Павлаковиќ, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Сара Климоска, Јасмина Василева, Нина Елзесер и Трајанка Илиева-Вељиќ.

Првиот драматруг е Ник Жнидаршиќ, а сценограф и автор на музиката Јан Кремељ, додека костимограф е Александар Ношпал.

„Циклусот постдрамски текстови Драми на принцезите со поднаслов Смртта и девојката, нобеловката Елфриде Јелинек го пишува на преминот на векот и го завршува во 2002 година, како феминистичко дополнување на бајките на браќата Грим. Во циклусот, Снежана и Трнорушка веќе не се беспомошни девојки препуштени на милост и немилост на мажите, туку жени кои сакаат да ја избегнат смртта иако знаат дека обидот е осуден на пропаст. Смртта им е веќе запишана со нивните иницијали, тие можат само да ѝ се предадат и да се спасат од непотребниот напор за бегство – единственото нешто што можат да направат со смртта е да ѝ се доверат, да разговараат со неа за својата приказна. За разлика од нив, Џеки (Оназис) е смрт сама за себе. Ракот ја глода, а таа, претворена во статуа, на публиката ѝ ја раскажува својата „вистинска“ приказна: била принудена да стане совршена жен(ск)а, префинета слика, темнина во која не може да проникне ниту светлината на Мерилин Монро, која ја прогонува. Во Ѕидот, последниот дел од циклусот, Ингеборг Бахман и Силвија Плат, две големи писателки кои ги засенија своите мажи кои исто така беа писатели, се обидуваат да го пресоздадат светот. Туркаат низ ѕидот, но не можат да го скршат или да го исчистат за да видат што има зад него. Мора да најдат друг начин“, истакнува во програмската книшка на претставата режисерката Жива Бизовичар.

Ликовите се на некој начин зомби ликови, често за ликовите на Јелинек се кажува дека се „undead“, поточно дека се истовремено живи и мртви. Актерките одработија огромна задача додека ги баравме начините за да играат лик кој однапред ја знае својата приказна, лик на кој пред нас на сцена не му се случува ништо ново, ништо непознато, знаат како ќе умрат, ја знаат целата своја приказна. На сцена, исто така, се создава постојана средба на минатото и сегашноста, како би можеле да создадат подобра иднина. Ликовите одново и одново се соочуваат со ѕидовите кои се пред нив, разбивајќи ги или одбивајќи се од нив, а низ тој процес комуницираат со вистината која ги надминува нивните индивидуални приказни кои преминуваат во универзални теми на идентитетот, моќта и слободите.

Претставата  „Драми на принцезите“ ќе биде на редовниот репертоар на Драмски театар и прва наредна изведба е на 23 ноември во 20 часот.