Драконски казни поради негаснење на депонијата Буково 

90

Државен инспектор за животна средина по втор пат им изрече глоба на ЈП „Охридски комуналец“ и на одговорното лице поради тоа што не ја гаснат нестандардната депонија Буково и не ја покриваат со земја иако за тоа се задолжени.

Казните, во висина од 6 илјади евра за правното лице и 800 евра за одговорното лице, се изречени по контролниот инспекциски надзор направен деновиве, при што на самото место инспекторот констатирал дека има појава на горење на депонијата на неколку локации од кои се издига густ чад.

– Депонираниот отпад не беше израмнет и прекриен со земја. На самото место имаше булдожер кој го рамнеше депонираниот отпад, а немаше екипи кои го гаснат опожарениот дел. Издадено е ново решение во инспекциска постапка со мерки за гаснење на депонијата. Ако од страна на правното лице не биде постапено по претходното издадено решение, ќе бидат изречени нови санкции во согласност со законот – велат од Државниот инспекторат за животна средина.

Исто така, извршен е увид на локација за депонирање на комунален смет во Струга откако во медиумите излезе информација дека локацијата била опожарена.

– Извршен е увид на самото место при што е утврдено дека нема никакво видливо опожарување, а направена е и комуникација со општинскиот инспектор за животна средина од Струга при што е добиена информација дека нема евидентирано интервенција на Пожарна Струга на посочената локација за викендот – велат од ДИЖИ и апелираат до јавноста да се следат исклучиво официјални информации од надлежни институции за веродостојност на одредени информации публикувани во медиумите.