Денеска е денот „Д“ за кога премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе започне акција против корумпираните судии и обвинители, кои како што рече, ќе треба да сносат одговорност за своите противзаконски дејствија. Мицкоски потенцираше дека нема да функционираат како „естрада“ и нема да се ангажираат специјални полициски единици при спроведувањето на планот, но не откри кого прв ќе „смете“ метлата во правосудниот систем. Изминатиот период владејачката ВМРО-ДПМНЕ прстот најмногу го впери кон републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, кој сметаат дека е одговорен за неефикасноста на дел од обвинителите под него. И вчера на прес-конференција од оваа партија истакнаа дека Коцевски е одговорен за неактивноста на ЈО и дека „само обвинители избирани во Струмица и Зајас не гледаат криминал во матните набавки на СДСМ и ДУИ“. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, рече дека иако во јавноста преку медиумите излегле мноштво докази, ЈО не мрднало со прст, а институтот отворање на предмет по допрен глас очигледно е мисловна категорија.
-Шест месеци јавното обвинителство е во зимски сон. Шест месеци нема ниту едно покренато обвинение за ниту еден случај на сериозен криминал и корупција за репрезенти од СДС и ДУИ, кои со години ги ограбуваа институциите. Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, наместо да почне да ја работи работата за која е платен продолжува со оправдувања. Љупчо Коцевски е целосно одговорен за неработата на обвинителите под него. Само тој и обвинителите избирани во Струмица и Зајас може да не постапуваат по наводите за криминал во РЕК Битола, ЕСМ, МЕПСО, ТЕЦ Неготино, Државна лотарија, ЈПДП, Министерството за здравство и другите институции за кои дури и медиумите изнесоа голем број сознанија за милионски криминали. Само Љупчо Коцевски и обвинителите избирани во Струмица и Зајас не гледаат криминал во Онкологија, набавките на мазут, јаглен и гас, нивите купувани долж трасата за автопатот Скопје – Блаце. ЈО на чело со Љупчо Коцевски наместо да го санкционира криминалот функционира како негов чадор, тоа мора да се промени. ЈО да почне да си ја работи работата. Граѓаните очекуваат правда и владеење на право, рече Петрушевски и додаде дека оваа летаргичност која ја гледа од ЈО и нивната закрила за политичките криминалци од СДС и ДУИ е причина за недовербата на граѓаните во правосудството.
Претходно, во неколку наврати премиерот Христијан Мицкоски најави дека власта ќе се бори за правда во судскиот систем преку така наречената „робусна акција“. Тој истакна дека владата има детално разработен план за реформи и дека од денеска почнува неговото спроведување. Премиерот е дециден дека акцијата ќе биде одлучна и планирана, но нема да се спроведува на спектакуларен или „естраден“ начин, како „оние од минатото кои правеа спектакли пред камерите“ со носење специјални полициски единици за да се понижуваат луѓе или да се создаваат сцени. Премиерот вели дека граѓаните со право и забележуваат на Владата за тоа што не се спроведува правдата.
– Господинот Љупчо Коцевски доби шанса и плеќа како никој негов претходник. Еве веќе петти-шести месец, иако ние имаме комотно мнозинство, ако сакаме ќе го разрешиме од таа позиција. Ние не сме како што тоа го правеше СДСМ во 2017 година кога по секоја цена го разреши државниот јавен обвинител и на тој начин политички процеси да покрене против тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Ние одлучивме да бидеме над ситуацијата, да размислуваме надвор од политичката матрица и да дадеме шанса. Што добивме? Добивме стотици истраги и процеси и обвинители кои кога треба да стават потпис на налог за увид, за претрес, за лишување од слобода или добиваат наеднаш треска, покачена температура, грчеви во стомак, дијареја и анксиозност или се трудат на кој било начин да го опструираат процесот. И навистина, трпението на граѓаните им е при крај, но и нашето, рече премиерот Мицкоски при неговата посета во Општина Јегуновце.
Во врска со изјавата на републичкиот обвинител Љупчо Коцевски дека станува збор за само еден изолиран случај на обвинител кој поради вирус не можел да ги исполнува работните обврски, премиерот истакна дека тој што се огрешил треба да одговара пред законот.
-Не треба да сме многу вешти во истрагите. Само треба да се прошетаме на неколку десетици локации и се ќе ви стане јасно како луѓе од голтари станаа милионери. На грбот на народот. Ако ништо повеќе, треба барем да им дадете фер шанса да докажат дека го стекнале тоа богатство на чесен начин. Тоа треба да се направи. Но, ние ниту тоа не можеме, бидејќи на првата станица ние сме блокирани како извршна власт. Ние не сме судска власт. Ние не сме обвинители. Не сакаме тоа да бидеме. Нема да правиме циркуси и естрада. Нема да влегуваме во домови на опозиционери со специјални полициски единици, пред очите на децата да понижуваме и омаложуваме. Ние како ВМРО-ДПМНЕ сме демохристијанска партија и така ќе се однесуваме, рече Мицкоски.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, пак, коментирајќи ги обвинувањата од премиерот Мицкоски, дека секогаш кога треба да се имплементира правдата, некој добива дијареја, температура или анксиозност, рече дека ќе продолжи да ја извршува својата работа со најголема професионалност и почитување на законите. Коцевски рече дека обвинителите се присутни и активни, со исклучок на еден изолиран случај кога обвинителот бил спречен од вирус, но подоцна ги продолжил своите обврски. Коцевски појасни дека предметниот обвинител имал вирус и не можел да дојде на закажаниот состанок, кој се одложил за три до пет дена, а потоа присуствувал и оттогаш до денес се одржале неколку состаноци со надлежните служби од полицијата за евентуална координација на одредени предмети. Тој не сакаше да каже за кој предмет станува збор, но рече дека се работи за предмет во надлежност на Основното јавно обвинителство – Скопје.
-Сè што е во рамките на моите надлежности ќе го спроведам чесно. Политичките изјави нема да ги коментирам, бидејќи тоа не е дел од мојата работа, изјави Коцевски.
И меѓународната заедница бара од земјава интензивирање на реформите за да се врати довербата во правосудството. Во својот последен извештај, Европската Унија истакна дека довербата во правосудството во Македонија мора да се зголеми преку решавање на високо профилираните случаи и борба против корупцијата.
-Потребно е правосудниот систем да биде ефикасен и да испорача резултати, особено во случаите кои се од јавен интерес, се вели во извештајот на ЕУ.
Слични критики редовно доаѓаат и од нашиот стратешки партнер, САД. Вашингтон во земјава праќаше и тим за санкции во декември 2022 година за да изврши поагресивен увид во поранешните и сегашните корумпирани актери. Американската амбасадорка во Македонија во повеќе наврати потенцираше дека граѓаните во земјава заслужуваат независен правосуден систем и дека нема место за политичко мешање во овие постапки. Таа јавно го критикуваше и изборот на Ислам Абази за јавен обвинител за гонење организиран криминал и корупција.
Истражувањата покажуваат алармантно ниска доверба на граѓаните во судството и обвинителството, кои се дното на анкетите со доверба кај испитаниците на ниво на статистичка грешка од 1 до 2 проценти. (В.С.Н.)