Досега повикани тројца македонски амбасадори на консултации

123

Освен Љубомир Фрчкоски, македонскиот амбасадор во ОН, новиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски, на консултации ги повикал и македонските амбасадори во Албанија и Италија, Данчо Марковски и Весел Мемеди, пренесува МКД.МК.

Амбасадорот од Албанија беше повикан поради скандалозните резултати со пописот и бугарската експанзија меѓу Македонците во Пустец и Голо Брдо.

Весел Мемеди, амбасадорот во Италија, беше повикан од Рим во Скопје на консултации за неговиот самостоен и некоординиран повик за употреба на пасоши со ново име, кога бараше италијанска забрана за употреба на старите пасоши.

Консултациите со Фрчкоски се закажани на 12 јули, а дали досега имало консултации со Марковски и Мемеди и што се договориле, нема информации.

Консултациите се дел од овластувањата на секој шеф на дипломатија и тие може да траат најмногу 60 дена. Во тој рок треба да се заврши постапката на сослушување и утврдување на околностите поради кои бил повикан амбасадорот. После тој рок, амбасадорот може да биде отповикан или да ја продолжи својата дипломатската мисија.