Песната која Дорис ја испеа и емотивно блесна во Охрид е насловена „Нека свети“, не случајно се најде меѓу препознатливите композиции бидејќи е дело на хит-мајсторот, композиторот Глигор Копров, прекрасниот текст го напиша ненадминливата Весна Малинова, а ја аранжираше маестро Давор Јордановски. Младата тинејџерка на која настапот на престижниот фестивал со композицијата „Нека свети“ и беше прв професионален, од Охрид се врати со три награди: за најдобар текст, за најдобар аранжман, а во нејзини раце заврши и наградата за најдобра интерпретација.
Дорис Ди Димовска е едно од најмладите музичките имиња кое меѓу големите музичките имиња успеа да светне и да остави голем впечаток на годинешниот „Охрид фест – Охридски трубадури“. Младата тинејџерка, на која настапот на престижниот фестивал со композицијата „Нека свети“ ѝ беше прв професионален, од Охрид се врати со три награди: за најдобар текст, за најдобар аранжман а во нејзини раце заврши и наградата за најдобра интерпретација.
– Морам да признам дека како најмлад учесник на фестивалот, кога ми беа доделени наградите, се чувствував како цел свет да беше во мои раце. Бев пресреќна, полна со емоции и елан за наредни учества на вакви еминентни фестивали, изјави Дорис Ди, за која нејзината менторка Андријана Јаневска, вели дека има одличен, зрел вокал и ѝ предвидува блескава кариера.
А песната која Дорис ја испеа и емотивно светна во Охрид е насловена „Нека свети“, не случајно се најде меѓу препознатливите композиции бидејќи е дело на хитмајсторот, композиторот Глигор Копров, прекрасниот текст го напиша ненадминливата Весна Малинова, а ја аранжираше маестро Давор Јордановски.
Дорис открива дека предлогот за учество за Охрид фест добила од маестро Копров.
-Првично ја добив композицијата, која уште на прво слушање многу ми се допадна, а потоа го добив и текстот на песната, кој исто така ми беше многу инспиративен, па предлогот за учество на фестивалот со новата песна веднаш го прифатив. Со оглед дека претходно имам настапувано на повеќе интернационални детски фестивали со физичко присуство како и на онлајн натпревари, сепак морам да признам дека ова беше сосем друго чувство. Беше еуфорично, полно со импресии…, со други зборови учеството на овој еминентен фестивал е мој прв професионален настап и бев свесна дека ќе биде моја отскочна даска како и мое скалило погоре во сферата на музиката, вели Дорис Ди. Додава дека нејзина голема поддршка се родителите и помалиот брат, а за настапите и за стајлингот секогаш се грижи мајка ѝ Билјана.
Таа не крие дека била пресреќна што ќе настапи на Охрид фест, но вели дека воопшто немала трема и била подготвена на сцена да даде сè од себе за да се покаже во најдобро светло.
-Додека чекав да дојде мојот ред да излезам на сцена, седејќи во бекстејџот, ми се појавија многу прашалници со неверување, во смисла зарем и јас ќе пеам на иста сцена со познативе пејачи од музичката естрада?….Со оглед дека гости на фестивалот беа повеќе познати пејачи меѓу кои Дадо Топиќ, Лео Мартин, Принц од Врање, Кристијан Рахимовски, сепак запознавањето со Јелена Томашевиќ и со нашата Ана Петановска ми остави најголем впечаток, вели Дорис Ди за која пред само три месеци во весникот ВЕЧЕР пишавме дека е музичко име за кое допрва ќе се зборува.
Во меѓувреме, песната „Нека свети“ доби и спот во чие сценарио Дорис повторно има вмешано прсти и направила некои измени.
„Спотот е изработен од професионалните ’Фабрика продукција’, во соработка со режисерот Љупчо Трајковски, а актери во спотот беа мојот омилен братучед Марко Смилковски, кој свири на гитара и незаменливиот Анди Исмаил кој минатата година победи на ’Суперталент’ во Хрватска во модерен танц. Спотот беше сниман на две локации, едната беше на сцената во Младински културен центар, како и во холот на истиот, а другата беше снимана во центарот на градот Скопје, поточно покрај реката Вардар. Морам да изразам голема благодарност на Бени Шаќири кој ни овозможи сцената и холот на МКЦ да бидат за краток период наши, за да го изведеме она што ни беше замислено.
Дорис Ди од годинава стана средношколка, па вели дека ќе се посвети на учењето, но секако и на музиката. Најави дека наскоро ќе има уште новитети.
Младата гостиварка за која пред три месеци во весникот ВЕЧЕР пишувавме дека е ѕвездата за која допрва ќе се слушне, не увери дека нејзиното време навистина доаѓа.