Прекрасна изведба и задоволна публика на „Дон Кихот“. За оваа балетската претстава во два чина од Лудвиг Минкус, за која имаше само пофални зборови од присутните, кои на 20 декември ја проследија изведбата на големата сцена на Националната опера и балет, секогаш ќе се бара билет повеќе …
За оваа секако се заслужни балетските уметници Христина Наќевска и Балаж Лочеи (Унгарија), кои ги одиграа главните улоги на Китри и Базил, но и сите останати учесници, солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет, деца од балетскиот оддел на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, кои сите заедно имаа извонреден настап на сцена. Кореографијата на оваа извонредна претстава е на Виктор Јаременко од Украина, диригент e гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, сценографијата е на Андреј Злобин, додека под костимографијата се потпишува Гана Ипатиева од Украина. Концерт-мајстор е Климент Тодороски.
„Комплетно нова премиера на оваа претстава ја направивме во 2007/2008 година со нова сценографија и костимографија. Во наредниот период ќе имаме и обновување на повеќе други балетски претстави и нивно враќање на сцена. Интересот е голем и билетите се продаваат и два месеца однапред, вели Кире Павлов, уметнички раководител на Балетот.
Следната изведба на „Дон Кихот“ е на 24 декември во 20 часот. Во улогите на Китри и Базил ќе настапат Наташа Трендафилова-Гицев и Виктор Ишчук (Украина).
Инаку, „Дон Кихот“ е волшебна приказна за ветерници, „совршената“ жена и вистинската љубов. Балетското дело е поставено на музиката на Минкус со експресивно темпо кое резултира со познатото „Дон Кихот Па де де“, кој дава акцент на целата претстава.
Kомпозиторот и виолинист Лудвиг Минкус (1826-1917) напишал неколку популарни балети, а речиси сите од нив, а особено балетот „Дон Кихот“ и денес се изведувани низ целиот свет. „Дон Кихот“ е балет базиран на познатиот истоимен роман од Мигел де Сервантес.