Дончиќ и НБА ѕвезди доаѓаат во Скопје за да го пензионираат Перо Антиќ

109

Најдобриот македонски кошаркар, Перо Антиќ, кој три пати ја освои титулата во Евролигата, со Олимпијакос (двапати) и еднаш со Фенербахче, следното лето и официјално ќе се пензионира. Како што најави и самиот, неговото простување од кошарката ќе биде со спектакуларен натпревар за збогум на кој ќе присуствува европската и светска елита.

Во интервју за „Антена 5“ радиото, поранешниот репрезентативец откри дека на овој настан ќе присуствува и словенечката НБА ѕвезда, Лука Дончиќ, неговиот соиграч од Атланта, Ал Хорфорд, како и најголем дел од тренерските имиња со кои работел, меѓу кои дефинитивно ќе биде и легендарниот српски тренер Жељко Обрадовиќ.

  • Не сакам премногу да откривам за овој настан, но уште сега може да потврдам дека Дончиќ и Хорфорд сигурно ќе дојдат, заедно со многу други поранешни соиграчи кои се имиња во европската кошарка. Во Скопје ќе бидат и тренерите со чија заслуга направив тоа што направив во кариерата, изјави Антиќ.

Еден од најзаслужните за историскиот успех на Македонија на Европското првенство во Литванија во 2011 година, каде што завршивме на четвртото место, во неколку наврати во завиена форма ја потврди можноста актуелната сезона да ја доврши во Работнички.

  • Луѓето чие мислење многу го ценам ми имаат кажано дека играчката приказна треба да се заврши таму каде што е почната и се согласувам со тоа. Можноста за враќање во Работнички прв пат се спомена со претходниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, со кого имам огромно меѓусебно респектирање, а истото го сака и сегашниот прв човек, Саша Богдановиќ, со кого исто така имам одлични односи. Засега нема што конкретно да се каже, бидејќи треба да се исполнат некои услови. Ќе видиме што ќе излезе од сето тоа, објасни триткратниот европски шампион.

Во интервјуто тој го спомна и МЗТ Скопје, најголемиот ривал на Работнички, најмногу поради изјавата дадена пред пет – шест години кога се фотографира во сино – белиот дрес и кажа дека сака кариерата да ја заврши во овој клуб.

  • Тогаш кога дојдов на натпревар во дрес на МЗТ Скопје, така и се чувствував. Но, мора да напоменам дека никогаш во кариерата не сум имал понуда од овој клуб, ниту тогаш ниту сега. А, јас не сум таков сам да се нудам, дополни Антиќ.