ДОНАЦИЈА ОД МЖСПП: Прочистувачи за воздух за градинките во Центар

73

Сите градинки на територија на општина Центар добија прочистувачи за воздух, согласно одлуката на Министерството за животна средина и просторно планирање. Советниците на општина Центар на последната седница дадоа зелено светло за оваа донација.

– Продолжуваме понатаму во напорите да обезбедиме подобри услови и почист воздух за нашите деца – рече градоначалникот Саша Богдановиќ при предавањето на донацијата.

Меѓу точките на дневниот ред на Советот се најде и одлуката за реконструкција на улицата “Рилски Конгрес“. Овој крупен проект предвидува со средства од буџетот на општината и во соработка со општина Кисела Вода и Град Скопје, целосно да се реконструира улицата, со што значително ќе се подобри сообраќајниот режим на територија на општините низ кои минува оваа улица, но и ќе се зголеми степенот на безбедност на пешаците и останатите учесници во сообраќајот.

Советниците ја изгласаа и точката за добивањето на грант за проектот “Зајакнување на општинските совети“, кој финансиски е поддржан од страна на Швајцарската Агенција за развој и соработка (СДЦ), а се имплементира од Програмата за развој на Обединетите нации.

– Главната цел на овој проект е да ги зајакни општинските совети, со што и самите ќе станат тела со зголемена автономија и ефикасност во работата на советите. Со спроведувањето на овој проект, ќе се зголемат транспарентноста и отчетноста на работењето на општината и советот, но и ќе се подобрат условите за живот во локалната заедница – информираат од општина Центар.