Домаќинствата од годинава сами ќе си купуваат струја, ама дали таа ќе биде поевтина!

138

Универзалниот снабдувач треба да почне со работа од 1 март 2019 година. Во трка се ЕВН Македонија заедно со ЕВН снабдување и Елем Трејд ДООЕЛ Скопје кој се единствените две компании кои се јавија на јавниот оглас

Македонските граѓани од годинава со стартот на либерализацијата на пазарот на електрична енергија ќе можат самите да одлучат од кого ќе се снабдуваат со електрична енергија. За околу 600.000 домаќинства во земјава Владата на РМ на 18 септември лани согласно новиот Закон за енергетика го распиша тендерот за универзален снабдувач со струја. Либерализацијата треба да донесе конкуренција, а тоа значи и пониски цени за електричната енергија.

Законот за енергетика овозможи овој тендер да донесе целосна либерализација на пазарот на електрична енергија, со која и домаќинствата и малите фирми ќе можат да изберат која компанија ќе ги снабдува со струја.

На јавниот оглас кој беше објавен на 18 септември годинава понуди доставиле две компании ЕВН Македонија заедно со ЕВН снабдување и Елем Трејд ДООЕЛ Скопје. Во тек е евалуација на понудите бидејќи комисијата која е назначена за тендерот во моментов ги проверува документите и економско-финансиската способност на двете фирми кои се пријавија да ја вршат оваа дејност.

ЕВН Снабдување понуди 14,4 проценти бруто-маржа, додека ЕЛЕМ Трејд излезе со понуда од 14,9 проценти бруто-маржа.

Универзалниот снабдувач треба да почне со работа од 1 март 2019 година. Се додека не се одбере која компанија ќе биде универзален снабдувач, работата ќе ја врши ЕВН Македонија. На крајот на тендерската постапка ќе следува и електронска аукција каде одлучувачка за изборот на компанијата универзален снабдувач ќе биде висината на маржата.

Струја од универзалниот снабдувач ќе добиваат домаќинствата и малите компании кои ќе решат да останат по старо, и да не излегуваат на слободниот пазар на електрична енергија. Според надлежните од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) граѓаните и малите фирми во секој момент може да го променат моделот и да се префрлат на либерализираниот пазар.

Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски во неколку наврати укажа дека либерализацијата нема да предизвика драстични промени на цената на електричната енергија. Но на новата цена може да влијаат зголемените трошоци на увоз на електрична енергија. Во втората половина од 2018 година на берзите за струја има одредено зголемување на цената на електрична енергија.

Според академик Глигор Каневче домаќинствата нема потреба да стравуваат дека со стартот на либерализацијата на пазарот на струја дека нивното снабдување со електрична енергија ќе биде доведено во прашање. Тој истовремено укажа дека ако се случи целата постапка да пропадне Владата во рок од 3 месеци ќе распише нов јавен оглас, односно ќе отвори нова постапка. Исто така има опција и самата да го избере снабдувачот.

Во Регулаторната комисија за енергетика издадени се преку 20 лиценци за снабдување со електрична енергија. Иако можеа да конкурираат осум снабдувачи со електрична енергија кои активно продаваат струја на потрошувачи на тендерот се јавија само две.
Универзалниот снабдувач ќе биде должен да го опслужува секој корисник што нема да излезе на слободниот пазар и да купува струја по свој избор, бидејќи со либерализацијата секое домаќинство ќе може да бира од која компанија ќе купува струја за своите потреби, а ако не направи избор, тогаш струја ќе добива од универзалниот снабдувач.

Еден од главните критериуми за избор на универзален снабдувач е фирмата да има капитал од 20 милиони евра, искуство во дејноста и способност за испорака на сметки. Пресудна ќе биде цената што ќе ја понудат за маржата за покривање на нивните трошоци.

До назначување на новиот универзален снабдувач таа обврска ќе ја врши ЕВН Македонија со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето со електрична енергија на сите потрошувачи и согласно Законот за енергетика.

Со оваа постапка Владата на Република Македонија избира универзален снабдувач кој истовремено ќе ја врши и дејноста снабдување во краен случај.

(В.Ма.)