Домашното производство на млеко намалено за над 25 отсто

85

Продолжува трендот на намалување на домашното производство на млеко, а се намалува и бројноста на говедата и овците кои се одгледуваат во нашата земја. Ова го покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика, кои утврдиле дека производството на млеко од крави во 2023 година се намалило за повеќе од 25 проценти, додека бројот на говедата во Македонија се намалил за скоро десет проценти во споредба со 2022 година.

За разлика од говедата и овците кај свињите, козите и живината има пораст на бројноста на пребројаните примероци.

– Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2023 година, во споредба со 2022 година, вкупниот број на говеда е намален за 9,7 проценти. Намалување на бројот на говедата е забележано кај индивидуалните земјоделски стопанства, a кај деловните субјекти (земјоделските претпријатија и земјоделските задруги) е забележано зголемување – пишува во анализата на ДЗС.

Од друга страна бројот на свињите во 2023 година, во споредба со 2022 година, е зголемен за 5,9 проценти, а зголемување на бројната состојба е забележано во двата сектори.

Но, вкупниот број на овци во 2023 година бележи пад од 9,2 отсто. Додека пак, во истиот период, бројот на козите бележи пораст за 6,7 проценти.

Зголемување има и кај бројот на живината во 2023 година, во споредба со претходната година, каде растот е 11,8 проценти.

Статистичарите исто така утврдиле дека има намалување и кај домашното производство на продукти од млеко.

Па така, според податоците на Државниот завод за статистика, производството на кравјо млеко во 2023 година изнесува 238.328 илјади литри, што е за 26,5 проценти помалку во однос на 2022 година.

– Намалување на производството е забележано и кај овчото млеко, и тоа за 20,5 отсто во 2023 година во однос на претходната година.

Производството на козјо млеко е зголемено за 3,3 проценти споредено со претходната година. Вкупното производство на месо е намалено за 7,4 отсто – пишува во извештајот ДЗС.

Од другите добиточни производи, во 2023, во однос на 2022 година, забележано е зголемено производство на јајца и намалено производство на волна.