Според податоците на Државниот завод за статистика, во февруари 2023 година се издадени 352 одобренија за градење, што е за 40,8 проценти повеќе во однос на истиот месец лани. Предвидената вредност на објектите за кои се издадени одобренија изнесува 9,9 милијарди денари (160 милиони евра), што е за 258,1 повеќе во однос на февруари минатата година.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 199 или 56,5 проценти се наменети за објекти од високоградба, 108 или 30,7 проценти за објекти од нискоградба и 45 или 12,8 проценти за објекти за реконструкција. Од вкупно 352 објекти, на 170, што е 48,3 проценти, како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 182 објекти или 51,7 проценти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 1.294 стана, со вкупна корисна површина од 97.659 квадратни метри.
И натаму најатрактивен простор за градење останува Скопскиот Регион, каде што се издадени 89 одобренија, од кои најмногу или 38 во Општина Карпош. Но, сè повеќе атрактивен за градење станува и Југозападниот Регион, поточно Општина Струга, каде што во февруари биле издадени дури 56 градежни дозволи. Во Полошкиот Регион, во февруари биле издадени вкупно 59 дозволи, меѓу кои води Општина Врапчиште со 21 градежна дозвола. Интересно е што во Општина Тетово не била издадена ниту една дозвола за градење.
Во услови кога странски компании и конзорциуми ги добиваат најголемите градежни проекти во патната и железничката инфраструктура, домашните градежни фирми се задоволуваат со трошки, односно со градење објекти од високоградба. Се пикираат локации по општините за да се гради за преживување, а сето тоа на сметка на бетонизацијата на урбаните средини.
Има и голем одлив на работна рака, а доказ за тоа претставува и статистичкиот податок според кој за прв пат во последните пет години бројот на вработени лица во градежништвото паднал под 50 илјади работници, односно за една година е намален за 12.622 лица. Факт што упатува на заклучокот дека последиците од кризата ги чувствуваат не само работниците туку и работодавците.
(С.Бл.)