Доматите, краставиците и пиперките никогаш поскапи, од 70 до над 100 денари за килограм

Поради климатските промени, количините се преполовени, а квалитетот е намален. Со оглед на зголемените трошоци, за нас и оваа цена е ниска. Еве, на пример, на пазарот во Штип, некои денови нема домати. Ние немаме веќе домашно производство, сè е од увоз. И она што го има – сушата го уништи, односно 60-70 отсто е трета класа. Поради слабиот квалитет, родот што сè уште не е набран, брзо скапува. За жал, тоа е реалноста и ќе мора да се соочиме со тоа дека земјоделските производи ќе бидат сè поскапи и ќе ги нема – изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа

3477

Изгор цени на овошјето и на зеленчукот оваа лето. Освен што се многу скапи доматите, пиперките, краставиците…, многу е намалена понудата за разлика од претходните години. Климатските промени, скапото производство и ниската откупна цена си го направија своето. Граѓаните се изненадени од високите цени на зеленчукот во август. Велат, како си дозволивме да дојдеме до оваа дереџе – од изобилство на пиперки и домати што ги купувавме за џабе, сега да ги плаќаме скапо. На зелените пазари и во маркетите, краставиците и пиперките се над 100 денари за килограм, а доматите никако да паднат под 70 денари.

Земјоделците велат дека е добро што ги има, бидејќи, поради климатските промени, може да останеме и без она малку производство што го имаме.

– Поради климатските промени, количините се преполовени, а квалитетот е намален. Со оглед на зголемените трошоци, за нас и оваа цена е ниска. Еве, на пример, на пазарот во Штип, некои денови нема домати. Ние немаме веќе домашно производство, сè е од увоз. И она што го има – сушата го уништи, односно 60-70 отсто е трета класа. Поради слабиот квалитет, родот што сè уште не е набран, брзо скапува. За жал, тоа е реалноста и ќе мора да се соочиме со тоа дека земјоделските производи ќе бидат сè поскапи и ќе ги нема – изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

Според него, се загубил квалитетот, но се загубило и домашното производство. На македонските ниви, сè помалку има земјоделски производи, сè е од увоз. Поради тоа, граѓаните мораат да плаќаат повисока цена за производи што се со многу послаб квалитет од домашните.

Моментално, на пазарот, цените на краставиците се 120 денари, на доматите од 80 до 90 денари, на црвениот пипер од 60 до 70 денари, а на благиот бел пипер за пржење – над 100 денари за килограм.

– За граѓаните е скапо, но ние не сме социјална установа. Знаеме дека стандардот на граѓаните е низок, но и земјоделците работат за џабе. За разлика од земјите во регионот, земјоделските производи кај нас се далеку поевтини – додава Каракашев.

Ристо Велков, претседател на Синдикатот на земјоделците од Струмица, вели дека за разлика од цените на зелените пазари, откупните цени на земјоделските производи се паднати. Така, откупната цена на доматите е 20 денари, на краставиците од 30 до 40, а на белиот пипер – од 40 до 50 денари.

– Ова покажува дека прекупувачите го собираат кајмакот во државата и заработуваат на сметка на трудот на земјоделците и на стандардот на граѓаните. Се надевам дека ќе се стави ред во хаосот со цените на земјоделските производи и оти соодветно ќе им се плаќа родот на земјоделците, а граѓаните нема да го плаќаат прескапо. Земјоделството е уништено од лошите земјоделски политики и треба повторно да се крене на нозе – додава Велков.

Граѓаните се изненадени од високите цени на зеленчукот во август. Велат, како си дозволивме да дојдеме до оваа дереџе – од изобилство на пиперки и домати што ги купувавме за џабе, сега да ги плаќаме скапо. Дел од граѓаните веќе не може да си дозволат некои од земјоделските производи, кои порано секојдневно ги трошеле. Велат дека сега купуваат домати, краставици и пиперки на акција и по еднаш неделно, а некогаш и поретко.

На зелените пазари, цената на доматите не се симна под 70 денари за килограм, зелените пиперки стигнаа над 100 денари, цената на килограм индустриска краставица стигна и до 130 денари, а на индустрискиот пипер – ајварка од 60 до 100 денари, во зависност од големината. И овошјето ова лето е скапо, но цените варираат во зависност од тоа каде се купува. Праските се над 50 денари за килограм, кајсиите 80 денари, модрите сливи 50 денари, а грозјето над 70 денари.

(А.С.)