Должниците можат да здивнат, но за кратко. Извршителите наместо од денеска, се враќаат од 23 овој месец.
Поради корона-кризата во април со владина уредба со законска сила сите извршувања, освен присилната наплатата на издршка, односно алиментација беа сопрени до крајот на минатито месец. Но, како што појаснува за весникот ВЕЧЕР претседателот на Комората на извршители, Зоран Димов, оваа уредба е меѓу оние за кои Уставниот суд се изјасни дека можат да продолжат и по укинувањето на вонредната состојба, па Владата ја продолжи до 23 јули.
Дотогаш извршителите нема да можат да блокираат и да наплатуваат од претходно блокираните сметки на граѓаните и на фирмите и да запленуваат имот. Дотука должниците можат да бидат спокојни. Понатаму, враќањето на извршителите по 23 овој месец ќе ги „закачи“ и оние кои останале должни во периодот кога наплатата мирувала. Според Уредбата, во изминатите три месеци, извршителите примаа барања за извршување од доверители, но смееја само да ги евидентираат. Исто така, можеа и да изготвуваат налози за извршување врз недвижност, кои со електронска достава се предбележуваа во јавната книга, како и налози за забрана за располагање и оптоварување на хартии од вредност, кои електронски ги доставуваа до Депозитарот за хартии од вредност.
Димов вели дека од април досега сепак, не примиле многу нови налози за извршување кои ги евидентирале, односно ги предбележале во јавните книги.
-Не знам точно по број, но мислам дека во овој период немаше многу нови барања за извршување. Како доверителите поради ситуацијата да се воздржуваа. Имаше и препорака од Владата во овој периодот да се покаже солидарност, вели Димов.
Сепак, граѓаните и фирмите кои се спасиле од извршителите поради кризата, по враќањето на присилната наплата ќе имаат нешто поголем долг од претходно, зашто каматите не престанаа да течат низ целиот период кога таа беше стопирана. На извршителите ќе им биде лесно да повлечат пари од сметките на должниците, зашто тие низ целиот изминат период останаа блокирани. Банките одбија да ги одблокираат оние сметки кои беа блокирани пред вонредната состојба, иако со владина Уредба беше предвидено спротивното. Извршителите велат дека би било лошо доколку се одблокирале сметките за време на кризата, зашто должниците би си ги повлекле парите што ги имаат на нив и подоцна не би имало од што да се наплати.
Право да не плаќаат рати од долгот се уште имаат и должниците на кои сметката не им е блокирана, зашто со извршителот се договориле сами да ја вршат уплатата. Од 23 овој месец и тие ќе мора да продолжат со уплатите.
Додека должниците стравуваат од враќањето на присилната наплата, извршителите се жалат дека во овој период останале сосема без приходи. Според Димов, Комората побарала помош од Владата, но оттаму нема одговор.
-Извршителските канцеларии работат без вработените со деца до 10 години кои имаат право да седат дома. Приходи нема, но не отпуштавме вработени и редовно ги исплатуваме од сопствените ресурси. Сепак,тоа се наши долгогодишни работници, искусни и стручни без кои не би сакале да останеме. Некои канцеларии бараа помош од државата, но колку што знам, никој не ја доби, информира Димов.
(С.В.)