Долгогодишнот генерален секретар на НАТО веќе има нова работа во Минхен

207

По напуштањето на функцијата генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг треба да раководи со Минхенската безбедносна конференција. Досега тоа место беше резервирано само за Германци, пишува ДВ.

Генералниот секретар на НАТО во заминување Јенс Столтенберг ќе биде новиот претседавач на Минхенската безбедносна конференција (МСЦ), годишен собир познат и како „Давос за одбрана“.

Столтенберг треба да го замени Кристоф Хојсген на таа позиција по конференцијата во февруари следната година, пренесуваат речиси сите германски медиуми повикувајќи се на неколку добро упатени извори.

Веста се уште не е официјално потврдена. Портпаролката на МСЦ рече дека тие „генерално не коментираат за кадровски прашања“, а ниту НАТО не сака да ги коментира тие информации.

По десет години на чело на НАТО, Столтенберг во октомври ќе му ја предаде функцијата генерален секретар на поранешниот холандски премиер Марк Руте.

Долгогодишниот шеф на конференцијата во Минхен, Волфганг Ишингер, а сè уште актуелен претседател на одборот на фондацијата MSC, наводно оценил дека Столтенберг е „неспоредливо најдобриот избор“.

Столтенберг (65) беше премиер на Норвешка од 2000 до 2001 година и од 2005 до 2013 година.

Тој беше на чело на државата во многу тежок период, во 2011 година по нападот на областа во Осло каде се наоѓа седиштето на владата, како и на островот Утоја. Десничарскиот терорист Андерс Беринг Брејвик уби вкупно 77 луѓе.